Tuesday, April 29, 2014

Од другата страна на корицата





Два билета во рака
а само еден пат.
Насмевката може да биде
одговор на многу прашања.
Низ колку прозорци
треба да се погледне
пред да се тропне на врата.
Оттаму поинаку изгледа
вишновата градина надвор.
Не го минуваме тој праг.
Навикнати сме ние
преку ограда да бегаме.
Преку корици и страници
на стари класици.
Пред да сфатиме дека
зборовите можат да се исушат
побрзо од мастилото
со кое се пишувани.

Sunday, April 20, 2014

Срча


Забелешка во твојот нотес,
неразбирливо запишана
со кратенки и симболи.
Стаклени опсервации на зборот.
Прекршена рефлексија на интерпукцијата.
Апсолвирана недореченост.
Ракописот личи на мене.
Ги има моите црти,
мојот поглед и насмевка.
Контура на мисла
побегната од хартијата.
Ме бараш помеѓу страниците,
а еден добар дел од мене
сеуште е ... во пенкалото.

Friday, April 04, 2014

Волуменот на тишината





(хаику пукнатини)
*
Молчам. Молчиш ти.
Премногу долго трае
Станува тесно.
*
Притиска зборот.
Држи го силно да не
удри во ѕидот.
*
Ако го пуштиш
низ процеп, нема да се
врати истиот.
*
Чувај го внатре
се уште има место,
нека притиска.

Празни зборови





Ја поправаме комуникацијата
како да лепиме парченца
од скршена вазна.
Споредуваме агли
и ги вклопуваме,
внимавајќи да не се расечиме.
Лепиме а знаеме
дека ќе пропушта вода.
Лепиме, за да биди празна.
Сепак лепиме.
Колку празнина собира
во една лепена вазна?

Висок напон




Кога правевме нов
распоред на ѕвездите,
останаа неколку вишок,
па ги сочував во фиока,
како резервни.
Се потрошија..
Една по една,
сите прегореа.
Лош спој сме,
иако не признаваме.
Наместо да се адаптираме,
ние остануваме
под висок напон
да го делиме
тоа што остана -
мракот.

Ништо ново




Светот се подготвува
за нова војна,
Македонија за нови избори,
медиумите за нови „бомбастични“ наслови,
овошните дрвја за нови плодови,
пијаницата на шанкот за нов пијалок,
студентите за нова испитна сесија,
пензионерите за нови активности,
вработените за нови пасивности,
астролозите за нов хороскоп
астрономите за супернова,
конспираторите за нов крај на светот,
јас и ти за уште еден нов ден
во кој ќе не промашат сите новини.
Навистина, се е по старо…

Бон тон




Не можеш да ја мериш искреноста
додека пристојноста ја засекува
мислата по должина
со аглите на
неизговорените зборови.
Добрите манири не се
отворена кредитна картичка
за да можеш
да потрошиш повеќе
отколку што имаш.
Нека не те залажуваат -
никој не бара од нас
да бидеме тоа што сме,
сосем доволно им е
ако можеме да бидеме
тоа што тие се.
Толку е лесно.
Затоа стануваме тешки.

Сума сумарум




Далечината ја мериме со време
наместо со километри.
Три часа возење.
30 минути пешачење.
20 светлосни години од нас.

И работата ја мериме со време
како вложен труд.
Осум часа дневно,40 неделно.
Еден час прекувремено.
10 години работен стаж.

Пријателството исто така
почна да се мери со време.
Она слободното.
Имање/немање време за
Осум минути телефонски разговор.
Два часа кафе муабет.
Целовечерна забава.

Љубовта ја мериме со време
на вложени емоции.
Пет години поминати заедно.
Три години во брак.
Љубов изнајмена на час.

Создаваме калапи во кои
собираме парчиња време
и ги обликуваме.
Мерка за должина,
мерка за тежина,
мерка за делување,
мерка за чувствување,
мерка за постоење,
платежна валута.
Обид да се измери немерливото.
Да се потроши неистрошливото.
Временски тегови
за да го извагаме животот.
И да го платиме
својот дел од бескрајот.

траги




Извади ги од глава
плановите за иднината
и стави ги во чаша со вода
покрај креветот,
како баба ми забите.
На крајот од денот
распаднати сме на ситни делчиња
и ноќта ги склопуваме,
секогаш на различен начин,
за да се разбудиме сосем нови.
Се уште сме тие,
од истиот материјал
но поинаку составени.
Мисли од пвц чекаат
да добијат нова форма
и нова намена.
Како мокри стапалки
на жежок асфалт
ги оставаме зад нас
личните впечатоци.
Останува сочувано
само она
кое сме го изгубиле.

украси на полица




Куп убави зборови
во разни големини и форми.
Како украси на полица,
стојат бесполезно
и фаќаат прашина.
Се уморив бришејќи ги.
Земи си ги со себе
од другата страна
на огледалото,
пред да почнам
да те гаѓам со нив
во напад на искреност.
Или само замолчи.
Барем ѕидот на тишината
нема полици.

троа хаику




Се спушта магла.
Дојди додека патот
не се изгубил.
*****
Голи вистини
смрзнуваат пред очи.
Пушти ги внатре.
*****
Додека мерев
длабочина на поглед,
потона мигот!

човек на човека му е Ганди




Промените во светот започнуваат
со промените во нас.
Толку го променивме светот,
што не личиме на себе повеќе.
Зарем не се умори?
Ајде, да одмориме малку.
Да бидеме денес
исти како порано.
Непроменети
Гушни ме како некогаш.
Утре, пак ќе го менуваме светот

она малку под ноктите




Додека бевме зафатени
со средување на впечатоците,
како цигара
заборавена во пепелник
изгоре летото.
Неколкуте неиспиени кафиња
се порака во шише
испратена
до следното видување.
Можеби ја губиме
битката со времето,
но остануваат доволно спомени
под ноктите,
за ДНК на миговите
кои би ги клонирале
за повторно
да ги пропуштиме.

Растојание





Не грижи се.
Нема да се оддалечиме,
сè додека сме блиски.
Растојанието повеќе
не се мери со чекори,
се мери со кликови.
На неколку клика од мене си,
два леви за да те видам
и еден десен
за да те сочувам.
Не мораме да зборуваме
за да разговараме.
Само се логираме.
И молкот има свој клик.
Оној, некликнатиот.

Помеѓу нас




Оваа тула не ја давам.
Ја гребам и ти фрлам прашина в очи.
Само така можеш да ја добиеш,
зрнце по зрнце.
Велат, од земја сме создадени
и во земја ќе се претвориме.
Тули ќе станеме и
светови ќе изградиме,
па ќе ги заградиме.
Оваа е моја тула.
Не ја давам.
Ја извадив од ѕидот
помеѓу мојот и твојот свет.

Метаболизам на дискусијата




Кампања за здрав разум
и обновлива енергија.
Ги конзумираме разговорите
како здрави оброци,
во чести но мали количини
без зачини и без масло.
Идеи сервирани
како топло предјадење
и гарнир од заклучоци.
Свежо набрани мисли,
одгледани без пестициди.
Добро е додека не гризе
црвот на сомнежот.

Рекламен простор за клаустрофобични реклами





Извежбана рамнодушност,
како извинување за грешка
која не си ја направил.
Во кое вирче на улицава
шлапнаа зборовите,
брзајќи да побегнат
од мијачите на мисли.
Утрешните весници
ги читаме уште пред
да осамне денот.
Проектиран буџет за новости
чека сопствена реализација
на местото за
вашата реклама.

Утрешните вести




Додека се сушат
испраните мозоци
спрострени под светло
на мониторите,
колпортерите разнесуваат
утрешни детергенти
за денешните флеки.
Истренирани кучиња
ги водат слепите улици
безбедно до плоштадите.
Не верувај им на сетилата.
Луѓето мирисаат на овошје,
на зачини или на цветови,
на океани и на зимзелени дрвја…
а полни се измет.
Имаат испеглани алишта и брчки
но одвнатре се згужвани.
Зборовите им значат
поинаку од што звучат.
Пробај, загризи ја јадицата.
И чекај ја временската прогноза.

Чудесно нормално




Немам страв од чудни луѓе.
Ме плашат оние нормалните.
Луѓе кои знаат дека
одразот во огледалото
не е нивен,
а сепак
му нанесуваат шминка
и ја поправаат фризурата
пред да го пуштат надвор.
Туѓи одрази шетаат низ град.
Покрај сјајните излози
во кои самозадоволно
се огледува нормалноста.
Чудаци, почекајте ме!

сега и тука





Не прави големи планови.
Времево е тесно,
нема да ги собере.
И те молам,
не памети долго.
Минатото ќе ја истисне иднината
од садот денешен.
Не сакаме нето разочарувања.
Ќе прошетаме голи
како Архимед.
Без да ги растураме круговите.
Ова е време на
четириаголни чинии
и стаклени фотографии.
Може да се живее и во usb.
Ајде да провоцираме
временски натрапници
кои ги покриваат гениталиите
на уметничките скулптури.

асфалтирани насмевки




Само неколку зборови
не делат од молкот.
Како патоказ,
водат право
на раскрсница.
Ќе ги премолчеме ли
за да продолжиме
во ист правец.
Имаме време да размислиме,
додека е вклучено
црвеното светло
на семафорот.
Прешкртан е
пешачкиот премин,
внимавај на
случајните минувачи.
Воведени се нови
сообраќајни правила
во комуникацијата.
Треба да полагаме
за нова дозвола.