Wednesday, July 20, 2005

Будење ( разбуди ме )

**************************************************************











Будење ( разбуди ме )


Разбуди ме ноќва
со допири на душата,
со допири на мисли
разиграни од страста
и насмеаниот трепет.
Разбуди го немирот,
затаен во постелата
на стравот од предрасуди.
Разбуди го и нека потрча
низ широчините на слободниот дух,
низ исконската долина
на ослободената желба,
да посее копнежи
кои ќе цутат во боите
на пријатните емоции,
со миризливи воздишки
во крошните на спомените.
Разбуди ме..........
и немој да се плашиш
од длабочината на
мојот разбуден немир!

Мислење

---------------------------------------------------------------------















Мислење



Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
сум во твојата прегратка.
Ако воопшто размислував,
немаше да бидам таму.
Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
молчам и гледам во празно.
Размислувам за тишината
која ми шепоти да заминам.
Немој никогаш воопшто
да прашуваш што размислувам.
Јас многу често
делувам сосема непромислено.
А ти. . . . . ти можеш
да си мислиш што сакаш!

Искра

----------------------------------------------------------------------















Искра


Не буричкај во пепелта
на прегорената страст,
немој да дуваш со копнежот,
ниту да ги ложиш
старите, суви спомени.
Постои опасност дека сеуште
останало некое жарче
недогорени соништа,
ќе пламне искричка
на самопрегорта
и не ќе остане ништо
вредно за паметење.

Храбра

---------------------------------------------------------------------------
















Храбра





Не се плашам од мракот,
ги имам твоите очи
сјајни ѕвезди водилки.
Не се плашам од студот,
ги имам твоите раце,
топли сончеви зраци.
Немам страв ни од предрасудите,
ја имам твојата прегратка,
удобно, сигурно засолниште.
Нема простор за страв во душава.
Најхрабра и најсилна сум.
Те имам тебе покрај себе.

Wednesday, July 13, 2005

Провокација











Провокација





Еден намерно случаен допир
како бран од немир
кој продира низ порите
на голото рамено,
и придушена, таинствена,
но несокриена страст
во темнината на зениците,
како ѕвезден сјај и прав
почувствуван со сите сетила.
Директен поглед
со индиректен предлог.
Недвосмислена провокација.
Прифатена.

Monday, July 11, 2005

Промашување

----------------------------------------------------------------------

















Промашување





Изнапишав се што можев,
како знаев и умеев.
Малку боев, малку сенчав,
повеќе шкртав неразбирливо.
Те туткам со истава дланка
со која боев, пишував, шкртав,
и те отфрлам од себе.
Сега си згужвано, валкано
топче од хартија на подот
покрај корпата за отпадоци.
Често промашувам.

Инерција










Инерција






На патеката на копнежот
се претркав себе си.
И, додека да се свртам,
за да си се потсмеам,
ме закочи разумот,
а страста продолжи напред
во судир со предрасудите,
носена од инерцијата
на почувствуваниот немир.