Tuesday, April 12, 2016

Приказни од саксијата






Одгледуваме растенија
во мали саксии
убедени дека
се грижиме за нив.
(А всушност чуваме
заробено парче природа
за да се измамиме дека
зидовите во нашиот дом
не се толку блиску
еден до друг.
Дека и дома поседуваме 
малку „надвор“.)
Ги ставаме покрај прозорецот
за да можат да ја гледаат
градината надвор.
Сме одлучиле за нив
дека овде им е подобро.
Затворени во една педа земја,
како во кафез,
осудени на нашата милост
да ги полееме со вода,
или свртиме кон сонце.
Да ги гледаат дождот и сонцето
преку стакло.
Осудени на нашата грижливост.
Затвореници на нашата совест.
Цветаат од благодарност
или од копнеж по градината?

Броење




Игравме игри во кои
некој мора да победи.
Наместо да играме
игри во кои никој
нема да изгуби.
Броевме победи и порази.
Пребројувавме грешки.
А можевме да броиме
премолчени зборови,
ѕвезди на небото,
или луѓе на митинзи.
Секој различно би изброил,
и никој не би погрешил.

Кој ќе преброи?!

Волуменот на тишината No2 (молчеливо хаику)

                                                                       
Ти зборуваш и
зборуваш и зборуваш 
ме обвинуваш.
*** 
Зошто јас молчам 
прашуваш со осуда, 
зошто јас молчам?! 
***
А јас одбирам 
да премолчам дека знам 
кога ме лажеш. 
***
И ти зборуваш 
зборуваш и зборуваш, 
зборови бараш. 
***
Имам впечаток- 
молкот ти е потежок 
од гласна лага. 
***
Ако сакаме 
да бидеме искрени, 
нема безгрешни. 
***
Зборуваш за грев... 
Мој е молчењето, 
твој зборувањето!