Поезија, поезија и само поезија. Ако си љубител - ДОБРЕДОЈДЕ! Разбуди се и продолжи да сонуваш буден Придружи се на будните сонувачи
Tuesday, April 26, 2005
Бура
Бура
Во моето ведро секојдневие
одненадеж, без најава,
а знам, и без намера,
се појавуваш како облак
кој носи дожд спомени,
студени а горливи.
Во дел од секунда
ќе скаменам лице
и ќе поминам рамнодушно
низ твојот зачуден поглед,
без поздрав, без ниту збор,
за да побегнам бегло
не од тебе, а од себе,
од бурата во мене,
бура од разбудени немири
и развиорени сеќавања.
Ќе се скријам во толпата
од лицемерни, еднобојни лица,
за да не ме пронајдеш
кога ќе тргнеш по мене
како некогаш одамна.
Знам, ќе се излажам повторно,
овојпат сосем убедена во тоа,
дека одамна си преболен
и засекогаш заборавен.