Поезија, поезија и само поезија. Ако си љубител - ДОБРЕДОЈДЕ! Разбуди се и продолжи да сонуваш буден Придружи се на будните сонувачи
Saturday, April 30, 2005
Изгубено време
Изгубено време
Во интервалот помеѓу
реалната илузија и
илузорната реалност,
среде неизговорените зборови
на непомислените мисли,
во шепотот на тишината
на заборавените сеќавања,
покрај разбудените соништа
осветлени од темнината,
го пронајдов моето
изгубено време.
Tuesday, April 26, 2005
Бура
Бура
Во моето ведро секојдневие
одненадеж, без најава,
а знам, и без намера,
се појавуваш како облак
кој носи дожд спомени,
студени а горливи.
Во дел од секунда
ќе скаменам лице
и ќе поминам рамнодушно
низ твојот зачуден поглед,
без поздрав, без ниту збор,
за да побегнам бегло
не од тебе, а од себе,
од бурата во мене,
бура од разбудени немири
и развиорени сеќавања.
Ќе се скријам во толпата
од лицемерни, еднобојни лица,
за да не ме пронајдеш
кога ќе тргнеш по мене
како некогаш одамна.
Знам, ќе се излажам повторно,
овојпат сосем убедена во тоа,
дека одамна си преболен
и засекогаш заборавен.
Клаустрофобија
Клаустрофобија
Низ прозорите на твојата душа
ќе влезам тивко, нечујно.
Како крадец ќе се прикрадам до
вратите на твоето срце,
чекор по чекор, на прсти.
И тука, на прагот од таа врата,
ќе застанам и ќе вдишам длабоко,
изморена, без здив .
Не, нема да влезам внатре.
Клаустрофобична е мојата душа.
Се плашам дека ќе се задушам
од ограниченоста на збиените емоции
помеѓу ѕидовите на твоето срце.
Јас сум дете на слободата,
бескрајот е мојот дом.
Ќе заминам истотака нечујно
како што и дојдов,
без ти воопшто да забележиш.
Ќе понесам со себе само еден дел
од немирните сенки во аглите ,
дел од притаената страст.
Ќе ги понесам тие впечатоци
со мене во бескрајот.
Saturday, April 23, 2005
Феникс
Феникс
Секоја вечер
под закрила на мракот,
го убивам во себе
споменот на тебе.
Го убивам сурово
на безброј начини.
Го гушам во заборав,
го потопувам во неповрат,
го туркам низ амбисот
на презир и пребол.
Го убивам тој спомен
и заспивам уморена
во утринските часови.
А тој, како феникс
од пепелта во мене
се раѓа и ме буди,
посилен и помоќен.
Ми се насмевнува
и ме исполнува
со нежност и топлина.
Ми дава сила да издржам
до следниот самрак
кога пак ќе го убивам.
Monday, April 18, 2005
Помисла
Sunday, April 10, 2005
In media res
In media res
Се сеќавам добро
на заборавените чувства.
Се смирувам со немирот
а топлината на душата
го смрзнува разумот.
Можам ли,
да го напуштам откриеното,
да го заборавам запаметеното
и да ги избришам трагите
од чувствата врежани во мене?!
Не.
Го познавам непознатото.
Знам што не знам.
И . . . .
Можам да неможам.
Можам затоа што
сакам да неможам.
Имам
Заседа
Заседа
Чекорејќи по работ
на разумноста и одговорноста,
вешто ги избегнував
сите вирчиња од сомнеж.
Преку чистиот, а каллив копнеж,
следејќи го светлиот траг
на темната страст,
се играв самата со себе
и сопствените емоции.
Несигурно сигурна во
чистотата на валканата љубов,
ненадејно, а очекувано,
се сопнав од поттиснатата
но неизбежна совест
и паднав во заседа
на самопрезирта.
Компромис
Компромис
Нема потреба од зборови,
ионака не ги разбирам повеќе.
Нема потреба ни од допири,
не ги чувствувам како некогаш.
Можеш и да навредуваш,
но верувај, сосем беспотребно е.
Нема да ме повредиш.
Љуби или замини.
Јас немам време,
ниту потреба од компромис.
Имам во себе љубов
која бара само љубов,
и не дава ништо друго
освен самата себе си.
Земи или остави.
Што и да избереш,
што и да направиш,
јас останувам истата.
Со чиста, недопрена душа,
силна и спремна за борба
со се што носи утрото.
Секогаш само своја.
Бескомпромисно своја.
Мост
Мост
Меѓу два брега спротивставени
копнежливи соништа поделена,
ги поврзувам заедно
а самата не припаѓам никаде.
Исправена над амбисот
од предрасуди и презир,
несигурно нудам сигурност
на меките стапалки на страста
во нејзината дива игра
помеѓу двата брега.
По секој премин остануваат исти
и бреговите и страста.
Само јас останувам
на средина од никаде,
изгазена од страста.
Заборави
Заборави
Заборави за момент на се.
Заборави на времето,
заборави ги правилата.
Ќе ја почувствуваш
светлината на мракот,
мудроста на незнаењето,
бистрината на маглата.
Тогаш,
и болките се безболни.
Се распрснуваат низ просторот
ослободени од рамките во душата.
Избриши ја
линијата на хоризонтот,
и освои го бескрајот.
Сруши ги границите на патот
кон безграничната среќа.
Едноставно - заборави се!
Дојди
Молчи
Молчи
Молчи, не зборувај ништо.
Изгубениот сјај во твоите очи
кажува повеќе од зборовите
кои невешто си поигруваат.
Молчи, не зборувај ништо.
Скриениот поглед е говорник
за мислите кои се препелкаат
во калливите зборови.
Молчи, не сакам да слушнам нешто
што одамна го чувствувам.
Вистината е само
непотврдена лага.
За тебе
Ноќва
Ноќва
Ноќва можеш да кажеш се.
Се што не сакаш да кажеш.
Можеш да заминеш
за пак да се вратиш,
а можеш и да се вратиш
за пак да заминеш.
Ноќва можеш да ме навредиш
со најнежните зборови.
Можеш да слушаш без зборување
или да зборуваш без слушање.
Можеш со насмев да запееш
или да ја исполниш собава
со крик на болка и солзи.
Ноќва. . . погледни ме.
Јас не сум јас.
А ноќва, само ноќва,
ти си вистинскиот ти.
Време
Време
Не обидувај се
да го промениш она,
што не зависи од тебе.
Не исполнувај ја иднината
со празнини од минатото.
Потполни ја сегашноста
со секој нејзин миг.
Времето залудно изминува
и кога очекуваш,
и кога забораваш.
Зашто, потребно е време
да пристигне утре,
и време, да помине вчера.
Само денес е денес.
А денес е вистинското време.
Сега или никогаш
Сизифова казна
Сизифова казна
Го туркам пред себе
каменот на сопствениот грев.
Со душа полна надеж
и оросено чело,
се качувам по ридот
од правила и норми.
Колку сум поблизу до врвот,
толку сум подалеку од себе.
Со секој чекор напред,
се враќам назад.
Мислам дека добивам,
а всушност губам.
Во зенитот на покајувањето,
еден момент на сомнеж,
и.....повторен почеток.
Изгрејсонце
Можев
Кражба
Просек
Лавиринт
Лавиринт
Ги чувствувам далечините
блиску до мене.
Ме горат со своето студенило,
и со солзи мамат насмевка.
Погледот бара излез
од затворениот лавиринт,
утеха во сонот – кошмар,
утеха во посилна болка.
Точка на почеток и крај.
Смирено враќање кон немирот.
Повторен почеток на крајот,
и повторен крај на почетокот.
Пронајдов
прецизно одредена изгубеност.
Се пронајдов себе си.
Ирационалност
Измамници
Измамници
Измамници сме
во играта наречена живот.
Ја мамиме судбината
со украдено време
скриено во ракавот.
Во бескрајна трка
низ лавиринтите на душата,
во потрага по тајните.
Мамиме со искреност
и желба за вистина.
Потврда наоѓаме
во недоречените зборови.
Вешти сме затоа што знаеме –
- се мамиме себе си
и повеќе од другите!
После се
Носталгија
Носталгија
Почувствувај ја нежноста
што по облак ја испратив
да те пронајде, да те допре
кога не можам јас.
Почувствувај ја тагата
што по дождот ја испратив
да ти милува образ
кога не можам јас.
Почувствувај го копнежот
што по ветрот го испратив
да те прегрне страстно
кога не можам јас.
Почувствувај ја љубовта
што по зракот ја испратив
да ти топли душа
кога не можам јас.
Создавање
Thursday, April 07, 2005
Aпсолутна релативност
Реперкусии
Реперкусии
Твојата учтивост е неучтива
кон мојата палавост.
Твојата пристојност е непристојна
кон моите копнежи, мојата страст.
Твојата заинтересираност
е индиферентна кон
мојата љубопитност.
Со својата неактивност
ја активираш мојата пасивност.
Знам дека можеше и подобро,
а сепак излезе полошо.
Но сега е прекасно.
Точно навреме задоцни.
Објективна субјективност.
Нема место за анализа
ниту пак за синтеза.
Нема место ни за тага.
Единствено остана место
за.......реперкусиите.
Wednesday, April 06, 2005
Соголување
Соголување
Ја слеков кошулата
на мојата конзервативност,
а потоа и фармерките
на симболичната независност.
Ги собув и чевливе
кои ме стегаат како
општествени правила
со високите потпетици
на квази моралот и етиката.
Ја пуштив косата
да падне низ рамениците
ослободена од стегите
на „доброто„ воспитување.
Еве ме, тука пред тебе,
онака како што природата ме создала.
Со искрен, насмевнат копнеж
и чиста љубов во себе.
Без лажни скрупули,
без лицемерен срам.
Нема место за срам
во душа соголена од љубов.
Срамот е во дволичниот,
куртоазен поглед
без трошка љубов и емоции,
а преполн со притаена,
сува страст, и лигав,
неприкриен насмев,
завиткан во свила и платно
со закопчана совест до грло.
Прашина
Прашина
Од ударот на далечината
копнежот се стркала
низ долината на минатото
до работ на издржливоста.
Тука, над безданот
од арогантниот потсмев,
го здогледа својот одраз
во солзата на месечината,
и се насмевна!
Осветлен од лицемерјето,
чекајќи дволична милост
од ветерот бесчувствителност,
навистина изгледаше смешно.
Се срона и исчезна
како сува прашина
разнесена од ветерот.
БЕШЕ тоа весел некој копнеж.
Сончев ден
Сончев ден
Го оставам денес трњето
во ливадата на минатото,
среде прецутените спомени
и презреаните немири.
Бакни ме нежно, без збор,
и продолжи да чекориш
во спротивен правец од мене.
Сакам да те паметам таков,
насмеан и ведар как
денешниот сончев ден.
Утре повторно ќе грее сонце,
можеби посјајно, потопло,
и це ја топли душава
со немирните, палави зраци,
со новите шарени цветови
од копнеж и желба,
без трњето каење.
Вчерашниот облак замина
без да остави трагови
на моето небо од љубов.
Не сакам да мислам на вчера.
Ниту да го сонувам утре.
Убав сончев ден е денес.
Прашања и одговори
Прашања и одговори
Вечерва дојди молкум.
Допри ме со тишината
и растрепери ме со
сјајот во очите
кои ме милуваат
со нежноста и страста.
Немој да говориш,
само чувствувај.
Кога душата шепоти
а срцето потпевнува,
не можеш да слушнеш.
Можеш само да почувствуваш.
И немој да прашуваш ништо.
Вистинските одговори
се сосем безгласни.
Можеш да ги слушнеш
во трепетот и воздишката,
во топлината на припиеното тело,
во спектарот од
разнобојни емоции
кои го обојуваат копнежот
додека срцето сонува.
Немој да прашуваш.
Сочувај ги прашањата
за некои подобри одговори.
Пијанство
Лавиринти
Лавиринти
Ја затворам зад себе
вратата од лавиринтот
на еден душевен немир.
Предолго ја чував подотворена,
или можеби и подзатворена.
Сеедно.
Останаа внатре
недоодените патишта
на почувствуваниот копнеж,
откриената,
па повторно изгубена страст.
Останаа и недоречените зборови
помеѓу студените ѕидови
на непромисленоста.
Многупати погрешив,
многупати залутав
во својот немир.
Но сега се е зад мене.
Зад затворена врата.
А пред мене.....
Пред мене нови врати
и нови лавиринти.
Постојат ли воопшто
почеток и крај?!
Deja vu
Deja vu
Се појави од мракот
на секојдневието,
како искра немирна
да ми го покажеш патот
кон заборавените соништа.
При првата средба,
со првиот поглед - знаев!
Те познавам од некаде.
Тој поглед, таа насмевка
и немирна сонежлива душа
полна со копнежи и илузии
ги познавам добро.
Сум ги видела и порано
во длабокиот, скриен сјај
во нечие око.
Око видено некогаш
во одразот на огледалото.
Покана
Покана
Ти верувам со недоверба
на поканата за прогон
од илузорната реалност.
Извикуваш со шепот
неразумни мудрости,
и копнееш со апатија
по безвредни вредности.
Знам, ќе успееш неуспешно
да не поминеш преку прагот,
и да тагуваш весело
за успехот на тој неуспех.
Твојата покана за соучество
ќе ја прифатам одбивајќи.
Зашто....
Веќе сум била таму.
Ништо
Сатисфакција
Слобода
Претчувство
Претчувство
Кога сјајот избледува,
и страста се губи
како светло во самрак,
а трепетот живее
само уште во копнежот
кој носталгично се насмевнува
на спомените, на сеќавањата,
истекува ли желбата
низ песочниот часовник,
зрно по зрно допири
од слободата на уживањето,
со претчувство за острината
на сопствените затапени сетила
Линија
Линија
Избриши ја со бакнеж
целата тага насобрана
како талог од годините,
запечатена со линија.
Со допир срони ги
сомнежите закоравени
во непослушниот разум,
запечатени со линија.
Со нежност и страст
внеси свежина
во зачмаените емоции,
во запечатените сетила.
Избриши ја линијата
исцртана од предрасудите
и дај им ширина
на желбите и копнежите,
на чувствата кои цутат
од другата страна на линијата.
Знаеш ли
Знаеш ли
Знаеш ли колку
е долга ноќта
кога телото ти гори
во пламенот на сеќавањата,
а искрите на копнежот
се гаснат од допирот
на студената осаменост.
Знаеш ли колку
тежи мракот ноќва
и задушува секоја воздишка
и мисла помислена
онака....бесмислено.
Знаеш ли каде исчезнува
целиот тој трепет,
сите тие копнежи и немири,
и дали го наоѓаат патот
носени на крилјата на страста,
во темнината на погледот
со затворени очи.
Знаеш ли.....Ма, знаеш.
Недвосмисленост
Недвосмисленост
Затвори ги очите ноќва
и погледни ме со душата.
Слушни ги рацеве
како шепотат по телото,
и запеј со мојот копнеж
во ритамот на
треперливите емоции.
Никој нема да ја слушне,
никој нема да ја види,
ниту да ја почувствува
играта на страста,
танцот на немирот
низ сонежливите души.
Ни самите нема
да разбереме јасно,
но сепак ќе уживаме
во таа неразбраност,
во таа нејасност,
сосема свесни за
недвосмисленоста на....
уживањето.
Ветер на заборавот
Ветер на заборавот
Со ветрот на заборавот
ќе го изгаснам вечерва
пламенот на копнежот
и ќе ја закопам страста
во тој пепел.
Ќе ги расфрлам спомените
да ги носи ветерот
далеку од мислите,
далеку од душата.
И додека тој ветер
ги ниша крошните на немирот,
а од нив како трули овошки
паѓаат бакнежи и воздишки,
презреани допири и
исушено лисје од трепет....
без трошка каење
ќе бидам нем сведок
на соголениот немир
кој со сувите, голи гранки
пркоси на сите ветришта!
Комуникација
Ѕвезди
Ѕвезди
Во самракот на љубовта,
под крилјата од мракот
на еден поминат копнеж,
треперат ѕвездите на спомените
мамејќи воздишки со
својот студен сјај.
Не. Не гасни ги.
Нека сјаат.
Само ослободи ја душава
да поита кон новото утро.
Пред зраците на новото сонце
нивниот сјај самиот ќе избледе
и тивко ќе исчезнат,
ослободени до следниот самрак.
А тогаш, во новиот самрак,
тоа ќе бидат некои други,
сосем нови ѕвезди,
со нов сјај.
По дождот
---------------------------------------------------------------------
По дождот
По дождот од немири
останаа измиени копнежи
среде калливите мисли.
Останаа бистри капки љубов
на сувите листови верба
откинати од гранките на разумот
и носени од пороите на страста.
Останаа и насмевките,
погледите и трепетот,
како шарени цветови околу
празните кошници со пчели,
да ги мамат со мирисот
на наврнатите спомени.
По дождот
По дождот од немири
останаа измиени копнежи
среде калливите мисли.
Останаа бистри капки љубов
на сувите листови верба
откинати од гранките на разумот
и носени од пороите на страста.
Останаа и насмевките,
погледите и трепетот,
како шарени цветови околу
празните кошници со пчели,
да ги мамат со мирисот
на наврнатите спомени.
Subscribe to:
Posts (Atom)