Friday, April 04, 2014

она малку под ноктите




Додека бевме зафатени
со средување на впечатоците,
како цигара
заборавена во пепелник
изгоре летото.
Неколкуте неиспиени кафиња
се порака во шише
испратена
до следното видување.
Можеби ја губиме
битката со времето,
но остануваат доволно спомени
под ноктите,
за ДНК на миговите
кои би ги клонирале
за повторно
да ги пропуштиме.

Растојание





Не грижи се.
Нема да се оддалечиме,
сè додека сме блиски.
Растојанието повеќе
не се мери со чекори,
се мери со кликови.
На неколку клика од мене си,
два леви за да те видам
и еден десен
за да те сочувам.
Не мораме да зборуваме
за да разговараме.
Само се логираме.
И молкот има свој клик.
Оној, некликнатиот.

Помеѓу нас




Оваа тула не ја давам.
Ја гребам и ти фрлам прашина в очи.
Само така можеш да ја добиеш,
зрнце по зрнце.
Велат, од земја сме создадени
и во земја ќе се претвориме.
Тули ќе станеме и
светови ќе изградиме,
па ќе ги заградиме.
Оваа е моја тула.
Не ја давам.
Ја извадив од ѕидот
помеѓу мојот и твојот свет.

Метаболизам на дискусијата




Кампања за здрав разум
и обновлива енергија.
Ги конзумираме разговорите
како здрави оброци,
во чести но мали количини
без зачини и без масло.
Идеи сервирани
како топло предјадење
и гарнир од заклучоци.
Свежо набрани мисли,
одгледани без пестициди.
Добро е додека не гризе
црвот на сомнежот.
Не не собира во калап.
Се уште
Не сме ГМО. 

Рекламен простор за клаустрофобични реклами





Извежбана рамнодушност,
како извинување за грешка
која не си ја направил.
Во кое вирче на улицава
шлапнаа зборовите,
брзајќи да побегнат
од мијачите на мисли.
Утрешните весници
ги читаме уште пред
да осамне денот.
Проектиран буџет за новости
чека сопствена реализација
на местото за
вашата реклама.

Утрешните вести




Додека се сушат
испраните мозоци
спрострени под светло
на мониторите,
колпортерите разнесуваат
утрешни детергенти
за денешните флеки.
Истренирани кучиња
ги водат слепите улици
безбедно до плоштадите.
Не верувај им на сетилата.
Луѓето мирисаат на овошје,
на зачини или на цветови,
на океани и на зимзелени дрвја…
а полни се измет.
Имаат испеглани алишта и брчки
но одвнатре се згужвани.
Зборовите им значат
поинаку од што звучат.
Пробај, загризи ја јадицата.
И чекај ја временската прогноза.

Чудесно нормално




Немам страв од чудни луѓе.
Ме плашат оние нормалните.
Луѓе кои знаат дека
одразот во огледалото
не е нивен,
а сепак
му нанесуваат шминка
и ја поправаат фризурата
пред да го пуштат надвор.
Туѓи одрази шетаат низ град.
Покрај сјајните излози
во кои самозадоволно
се огледува нормалноста.
Чудаци, почекајте ме!

сега и тука





Не прави големи планови.
Времево е тесно,
нема да ги собере.
И те молам,
не памети долго.
Минатото ќе ја истисне иднината
од садот денешен.
Не сакаме нето разочарувања.
Ќе прошетаме голи
како Архимед.
Без да ги растураме круговите.
Ова е време на
четириаголни чинии
и стаклени фотографии.
Може да се живее и во usb.
Ајде да провоцираме
временски натрапници
кои ги покриваат гениталиите
на уметничките скулптури.

асфалтирани насмевки




Само неколку зборови
не делат од молкот.
Како патоказ,
водат право
на раскрсница.
Ќе ги премолчеме ли
за да продолжиме
во ист правец.
Имаме време да размислиме,
додека е вклучено
црвеното светло
на семафорот.
Прешкртан е
пешачкиот премин,
внимавај на
случајните минувачи.
Воведени се нови
сообраќајни правила
во комуникацијата.
Треба да полагаме
за нова дозвола.

Прекувремено




Немам време за спиење,
па сонувам прекувремено.
Чекорам по минутите,
а часовите летаат.
Понекогаш нурнувам
во длабочината на мигот
и  добивам впечаток
дека времето запрело.
Па, мерам безвременост.
А, чувам копнеж
со изминат рок на траење.
Сосем нов, неупотребуван.
Го барам изгубеното време.
Ќе го најдам навреме.

отпакувано




Извади ги зборовите од целофанот
и напиши ги повторно.
Ќе останат букви
како лего коцкички
за конструирање фрази.
Не сум верник
да го свртам и другиот образ.
Свртувам нова страница.
Имам плускавици на нозете
од чекорење по вода.
Не грижи се.
И кога мислиш дека
сиот свет е против тебе
- насмевни се.
Тоа не е твојот свет.
Дури ни галаксија.
Подготви ја мрежата за пеперутки.
Паѓаат ѕвезди вечерва.

хаику безредија





зошто 5-7-5 кога може и 7-5-7?


Копнеж и вотка со мраз,
љубов во сите
агрегатни состојби.
*
Хартија и моливче,
решетки за тој
недисциплиниран збор.
*
Ќе ти направам супа
од хумор солен,
настина насмевката.

Двојна негација





Едноставно е.
Како сврзник.
Може да поврзе се.
Проширени толкувања
со сомнителни убедувања.
Или да раздели
сложени емоции
на прости потреби.
Немој да негираш.
Граматички е некоректно.
Иако сосем точно.
Лизга како кајрон
на рекламен билборд.
Чини повеќе отколку што вреди.

Контролна табла







Одекнува.
Повторувачки.
Со секое ново придвижувење на мислите.
Ерор.
Доволно е копче за намалување на звукот
во овој управувачки систем.
Иритира ехото од гледање во празно.
Празнина  која неможеш
да ја пополниш со нов пијалок,
количина на храна,
ниту со полов орган.
Убеди ме.
Сакам да верувам во непостоењето.
Најди ги копчињата за исклучување.
Ќе успеам ако побрзам.
Или ако застанам.
А само сакав да ги оставам цигарите.
Некаде, на друго место.
Не би поднела уште една празнина,
макар и од пепелник.

Центрифугирање







Кога ќе те стигне зимата
на крајот од уличката,
немој да брзаш
со изненадувањето.
Бори се.
Пушти ги очекувањата
да кружат наоколу
како најнов трач,
додека не им се слоши
од вртењето во глава.
Ќе играме брза географија
запишувајќи ги соништата
класифицирани во табелите.
Именки и глаголи
во машина за перење,
на центрифугирање.
Уште еден добиен натпревар
во лигата на скептиците.