Thursday, December 15, 2005

Периодичност







Периодичност




Етапа после етапата
од периодично повторување
на новите етапи
во старите периоди.
Вешто испреплетени
краеви и почетоци
во гордиевиот јазол
на планираните случајности
Очекувано изненадување.
Аверзија кон привлечноста и
индиферентна заинтересираност
за баналната специфика.
Зори и самраци прекршени
среде запреното време.

Недвосмисленост






Недвосмисленост


Затвори ги очите ноќва
и погледни ме со душата.
Слушни ги рацеве
како шепотат по телото,
и запеј со мојот копнеж
во ритамот на
треперливите емоции.
Никој нема да ја слушне,
никој нема да ја види
ниту да ја почувствува
играта на страста,
танцот на немирот
низ сонежливите души.
Ни самите нема да разбереме јасно,
но сепак ќе уживаме
во таа неразбраност,
во таа нејасност,
сосема свесни за
недвосмисленоста на -
Уживањето.

Паметам







Паметам


Го паметам погледот
преполн со прашања
и одговори истовремено,
со реални илузии и копнежи,
со заразна страст која извира
од длабочината на зениците.
Ги паметам усните
кои вешто лажат
со своите допири,
а мамат насмевка на моите
и немо признание
за сласта од тој допир.
Го паметам копнежот
на мојава дланка
по мекоста на твојот образ,
остро прекинат од разумот
и претворен во бесмислено
движење низ празниот простор.
Го паметам и развигорецот
на твојата топла душа,
развигорец кој носи нежност
и мирис на емоции
расцутени во пролетните цветови.
Ма, паметам се.
Само....
Не чувствувам повеќе ништо.

Трпение







Трпение


Трпеливо чекав
да завршат лагите.
Трпеливо слушав
и трпеливо се смешкав,
блажено простувајќи.
Имам разбирање за недоразбирање.
Имам душа широка
и за тесноградоста.
Имам храброст и за стравот.
Имам срце кое чувствува
дури и бесчувствителност.
Единствено немам повеќе
трпение за нетрпение.

Летна ноќ







Летна ноќ



Беше убава летна ноќ.
Очекувано неочекувана.
Сериозно несериозна.
Збунувачки јасна.
Како молња во мракот
заискри страста
и го заслепи разумот.
Имав трепет во срцето,
разбрануван немир во душата
и....кал на чевлите.
А повторно беше летна ноќ.
Неочекувано очекувана.
Несериозно сериозна.
Јасно конфузна.
Под ѕвездите на спомените,
страста сепак исчезна
во мракот од предрасудите.
Овојпат немав кал на чевлите.
Имав во душата.

Ферментација








Ферментација





Бесмислено логична вештина
за поврзување на испрекинатиот здив
со копнежливата воздишка.
Гроздовите набрана страст
изгазени, згмечени, исцедени….
ферментираат во опоен пијалок
со боја на темна почувствуваност,
чија конзумација предизвикува
еуфорична апатичност за
се што било и се што
допрва би требало да биде.
Еликсир на спокојната
индиферентност.
Амброзија на заборавот.

Tuesday, December 13, 2005

Биста






Биста



Те видов денес.
Стоеше како биста
во паркот од моите мисли.
Пред тебе овенати букети
на некогаш положени копнежи.
Ќе останеш скаменет спомен
од историјата на моето срце.
А јас продолжувам напред,
да ја создавам иднината со
нова визија за почувствуваноста.
Знам, не ти е лесно сега.
Но, ако ти е некаква утеха...
и јас веројатно некогаш
ќе бидам нечија биста.

Sunday, November 27, 2005

Крајот на бескрајот







Крајот на бескрајот


Во само еден миг
ја допрев вечноста.
Ги затворив очите
и го видов крајот.
Крајот на сите стравови,
крајот на сите сомнежи.
И тука,
на самиот почеток од крајот,
во ѕвездената прашина
од копнежи и воздишки,
со сладок трепет
во мислите, во душата...
го вдишувам немирот
кој ми дава сила
да чекорам со насмевка
кон крајот на бескрајот.

Чекори







Чекори




Одекнуваат во мракот
на помислениот копнеж
растреперувајќи го срцето.
Сигурни, цврсти чекори.
Го познавам тој звук.
Ги познавам тие чекори
на сопствената страст
по патот на немирот.
Одекнуваат во ритамот
на сокриените воздишки,
во пулсот на возбудливите,
таинствени моменти,
во насока на желбата
за сопствени перцепции
во боите на љубовта.
Многу добро го познаваат
својот пат тие чекори.

Ампутација




Ампутација




Те отстранив од мисливе.
Те отстранив од срцево.
Потешко се движи страста
низ просторот на љубовта
без тебе потпрена на
сарказмот и иронијата,
но, се изострија другите сетила
Сега ги чувствувам и
уживам во нештата
кои не ги перцептирав
додека те имав тебе.

Saturday, November 19, 2005

Флексибилност







Флексибилност




Под силниот налет
почувствуваност
страста се сви
до дното на копнежот,
ги допре студените усни
на сопствениот корен
и го вкуси нивниот
сочен, а горчлив вкус.
Се заниша скоро опиено и
се исправи побрзо
отколку што се сви.
Вкусот во усните остана
да потсетува на таа
еластичност на емоциите.

Девалвација







Девалвација






Го враќам кредитот
од твојата љубов,
но страста изгуби
од својата вредност,
и копнежот нема маржа
кога се зема и дава,
а грижата на совеста
има превисока камата
на љубовната берза.
Банкротира срцево.

Мимикрија






Мимикрија




Би излегла вечерва од својата кожа
и би влегла во нечија туѓа.
Би лажела дрско,
би мамела безобразно,
манипулирајќи безобѕирно.
Би била се што не сум.
Би земала облик на љубовта,
обоена со копнежот,
претопена во сенката на
притаената страст.
Зашто...
Сеуште ти го паметам
вкусот на усните
и ги знам напамет
сите твои погледи,
и студени и топли,
и сончеви и дождливи,
а понекогаш ветровити.
Ја знам напамет азбуката
со која говорат твоите прсти.
Вечерва се чувствувам толку
слабо и силно истовремено,
толку тажно и весело
а, сепак, рамнодушно за се.
Вечерва јас немам
свој облик ниту лик.
Само чиста страст.

Saturday, October 22, 2005

Дисперзија








Дисперзија





Во призмата на сомнежот
се прекрши копнежот
и ја разби страста
во отсјајот на суетата.
Се распраснаа зраците конфузност
низ ограничениот простор
на измамените емоции.

Препреки











Препреки






Кога доаѓав кон тебе
издлабив тунел
низ планината горделивост,
препливав море предрасуди,
изградив мост од верба
над длабокиот сомнеж.
Сега фрлаш по мене зборови
како тешки камења,
ронеш солзи мориња,
ветувања - провалии.
Но, ништо нема да ме спречи
ниту да ми застане на патот,
дури и сега.....
кога заминувам од тебе!

Можеш









Можеш





Можеш да бидеш искра,
разгори ги мисливе.
Можеш да бидеш небо,
дај им крилја на желбите.
Можеш да бидеш виножито,
обои ја душава.
Можеш да бидеш ѕвезда
растреперена од копнеж.
Можеш да бидеш море
таинствена, длабока страст.
Можеш да бидеш љубов.
Можеш.

Monday, September 26, 2005

Перипетија

---------------------------------------------------------------------------

















Перипетија








Сакав нежно, полека
да ти влезам под кожата,
да ја почувствувам како струи
твојата крв низ моите вени,
да си ги наполнам градите со тебе
вдишувајќи те низ твоите усни
и здив по здив, неосетно
да те испуштам низ своите.
Но, ти беше побрз од мене.
Ми навлезе во коските,
ме свитка како ишијас
и ми ја испи душата.

Saturday, September 10, 2005

Назад












Назад






Кога еднаш ќе заминеш
оставајќи зад себе лушпи
од изгустираните лаги,
немој да се враќаш назад.
Можеш да нагазиш на нив,
да се лизнеш и паднеш,
си ја шинеш гордоста
и скршиш достоинството,
а болката од тој пад
да ти се пристори љубов.
Немој никогаш да се враќаш таму
каде еднаш си ги фрлил своите лаги.

Monday, August 29, 2005

Туризам

-------------------------------------------------------------------------


















Туризам




Ми говориш во занес
за чудесни предели
создадени од богот во нас,
изградени со тулите на љубовта
во форма на соништата
и обоени од имагинацијата.
Возвишени емоции распослани
низ градините на душата.
Ми нудиш копнеж и трепет,
заедничко летување во таа
дестинација на сокриените мисли,
сончање под зраците на страста.
Немој.
Сочувај ја егзотичната понуда
за други туристи во своето срце.
Јас штотуку се вратив од таму,
потемнета, речиси изгорена.
Ми треба сега зима.

Friday, August 05, 2005

Поезија

------------------------------------------------------------------------
















Поезија






Љубовта е поезија,поезијата љубов.
Сум пишувала и пред тебе,
ќе пишувам и после тебе.
Сум љубела и пред тебе,
ќе љубам и после тебе.
Во моево срце има простор
за цела една мала бесконечност.
Секое отчукување е ритам на страст,
секој здив свеж копнеж.
Како билка со своја фотосинтеза -
од љубовта создавам поезија
и од поезијата љубов.
А секој збор напишан
со мртви букви на хартија
е жив запис за вечноста
на љубовната поезија.

Wednesday, July 20, 2005

Будење ( разбуди ме )

**************************************************************











Будење ( разбуди ме )


Разбуди ме ноќва
со допири на душата,
со допири на мисли
разиграни од страста
и насмеаниот трепет.
Разбуди го немирот,
затаен во постелата
на стравот од предрасуди.
Разбуди го и нека потрча
низ широчините на слободниот дух,
низ исконската долина
на ослободената желба,
да посее копнежи
кои ќе цутат во боите
на пријатните емоции,
со миризливи воздишки
во крошните на спомените.
Разбуди ме..........
и немој да се плашиш
од длабочината на
мојот разбуден немир!

Мислење

---------------------------------------------------------------------















Мислење



Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
сум во твојата прегратка.
Ако воопшто размислував,
немаше да бидам таму.
Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
молчам и гледам во празно.
Размислувам за тишината
која ми шепоти да заминам.
Немој никогаш воопшто
да прашуваш што размислувам.
Јас многу често
делувам сосема непромислено.
А ти. . . . . ти можеш
да си мислиш што сакаш!

Искра

----------------------------------------------------------------------















Искра


Не буричкај во пепелта
на прегорената страст,
немој да дуваш со копнежот,
ниту да ги ложиш
старите, суви спомени.
Постои опасност дека сеуште
останало некое жарче
недогорени соништа,
ќе пламне искричка
на самопрегорта
и не ќе остане ништо
вредно за паметење.

Храбра

---------------------------------------------------------------------------
















Храбра





Не се плашам од мракот,
ги имам твоите очи
сјајни ѕвезди водилки.
Не се плашам од студот,
ги имам твоите раце,
топли сончеви зраци.
Немам страв ни од предрасудите,
ја имам твојата прегратка,
удобно, сигурно засолниште.
Нема простор за страв во душава.
Најхрабра и најсилна сум.
Те имам тебе покрај себе.

Wednesday, July 13, 2005

Провокација











Провокација





Еден намерно случаен допир
како бран од немир
кој продира низ порите
на голото рамено,
и придушена, таинствена,
но несокриена страст
во темнината на зениците,
како ѕвезден сјај и прав
почувствуван со сите сетила.
Директен поглед
со индиректен предлог.
Недвосмислена провокација.
Прифатена.

Monday, July 11, 2005

Промашување

----------------------------------------------------------------------

















Промашување





Изнапишав се што можев,
како знаев и умеев.
Малку боев, малку сенчав,
повеќе шкртав неразбирливо.
Те туткам со истава дланка
со која боев, пишував, шкртав,
и те отфрлам од себе.
Сега си згужвано, валкано
топче од хартија на подот
покрај корпата за отпадоци.
Често промашувам.

Инерција










Инерција






На патеката на копнежот
се претркав себе си.
И, додека да се свртам,
за да си се потсмеам,
ме закочи разумот,
а страста продолжи напред
во судир со предрасудите,
носена од инерцијата
на почувствуваниот немир.

Thursday, June 30, 2005

Ерозија

-----------------------------------------------------------------------




















Ерозија





Потекоа подземните страсти
и ја сронаа површноста
низ ридот на болката.
За да опстане подолго
немаше корени оваа љубов.

Wednesday, June 29, 2005

Детерминанта















Детерминанта




Твојата душа ја измачува
немир на некоја друга душичка,
како што мене ме измачува нечиј,
и како што мојот немир
измачува сосем трета душа.
Знам, такви се параметрите
на равенката љубов.
Лесно манипулираме со познатите,
но, секогаш има повеќе непознати
отколку што сме очекувале.
И, сите сме само една
од детерминантите во системот.

Причина
















Причина






Го сакам Хесе,
ме замислува и советува.
Го сакам Џибони,
ме релаксира и развеселува.
Го сакам Ван Гог,
ме восхитува, буди имагинација.
Ги сакам и знам зошто.
Заради книгите, музиката, сликите.
Измачувачки е кога некого сакаш,
а, појма немаш зошто?!

Sunday, June 26, 2005

Конспирација

----------------------------------------------------------------------
















Конспирација





Чекорам по трагите
на немирот во мене,
а тој ме води некаде
далеку од самата себе.
Како да сум одблесок
на копнежлив зрак,
како да сум чад
над пепел од страст.
Никогаш нема да знам
колку ќе ми недостигаш
ако не заминам од тебе.
Затоа не тагувај сега.
Заминувам за да се вратам.

Saturday, June 25, 2005

Генерално чистење










Генерално чистење





Денес е убав ден за
генерално чистење на душава.
Ги средувам спомените,
ги сортирам и одвојувам
оние за паметење од
оние за заборавање.
Еден дел оди на таванот
(за идни поуки и
сентиментални евоцирања),
друг дел оди во подрумот
(можеби некогаш ќе послужи
како алат за поправка на некое
идно-минато свршено време),
а еден добар дел оди надвор,
право во контејнер!
(сосем излишен, непотребен).
И, погледни сега!
Остана многу простор
за нови анимации,
креативни дизајни.
Денес срцево започнува
со сосем нов декор
на душава исчистена
од прашината на минатото.

Sunday, June 19, 2005

Зад кулисите










Зад кулисите




Те бакнувам вечерва
преку неговите усни.
Знам, ќе ги добиеш
моите бакнежи од
некои сосем туѓи усни.
Ќе ме допираш мене
преку нејзиното тело,
и ќе ги слушаш
моите воздишки
од нејзините усни.
А јас ќе го барам
твојот поглед во неговите очи,
додека ги склопувам моите.
И нема да бидат доволно
никогаш, никогаш.
Ни бакнежи, ни допири.
Ни за мене, ни за тебе.
Душата гладна ќе патува
низ ходникот на копнежот
во пресрет на љубовта
зад сцената на реалното,
совршено секојдневие.

Sunday, June 12, 2005

Ново сонце


















Ново сонце






Го испратив облакот
со наврнатите спомени
и сронати ѕвезди
да бара ново небо,
далеку од моето.
На себе почувствував
топлина од нов зрак,
во зората на копнежот
кој го разбуди експлозија
од раѓањето на супер новата.
Блесна ново сонце во душава.

Saturday, June 11, 2005

Виножито









Виножито




Кога ќе наврнат спомените
како пријатен, бистар дожд,
и ја измијат каллта
од сите недоразбирања,
од сите грубости и дрски,
горделиви каприци,
и кога тие капки спомени
со треперлив допир ќе ги
разбудат страста и немирот,
немој да се плашиш
да уживаш во тој дожд.
Победи го тогаш стравот
и ....... побарај ме.
Ќе застанам до тебе
под облакот од таа носталгичност
и измиени од минатото
ќе го дочекаме заедно
виножитото на почувствуваната,
возобновена страст.

Thursday, June 09, 2005

Поглед










Поглед




Доаѓаш повторно и влегуваш
во мојот смирен немир,
едноставно, како никогаш
да не си ни заминал.
Ме погледнуваш молкум
и со студен сјај во очите
ја милуваш страста
во постелата на спомените.
Немој. Не буди ја.
Не со тоа студенило.
Остави ја да сонува.
Таму, во меката постела
од врели, драги спомени,
сеуште постои еден
топол, нежен поглед
полн со трепет и љубов,
со длабока почувствуваност
на разиграниот копнеж.
Остани во таа постела.
Сакам да уживам во
тој поглед кој го паметам.
Поглед кој носи немир
и дива страст со себе.
А овој поглед сега,
од истите очи е,
но сепак, не е тој.

Sunday, June 05, 2005

Разминување











Разминување




Некаде помеѓу
самракот и зората
(или можеби зората и самракот?!),
кога сите чувства,
копнежи и страсти,
сите замаглени мисли
и бистри двоумења
ја губат својата форма,
талкајќи во полумракот
(или можеби полусветлоста?!)
во потрага по јасност
- мрак или светлина (?).....
Тука некаде, душо,
ние се разминавме!


Допри ме


















Допри ме





Допри ме со рацете
и немирните прсти
да ја почувствувам
растреперената страст.
Допри ме со усните
со мека грубост
да ги почувствувам
премолчените зборови.
Допри ме со мислите
за да ја сфатам таа
дефинирана анархија.
Допри ме со душата
да го разберам неразбирливото
задоволство од тој допир.
Допри ме со немирот
кој го носиш во себе
и остави траги
на мојот немир.
Допри ме....
Само пробај,
допри ме.

<>

Monday, May 30, 2005

Кога ќе доаѓаш










Кога ќе доаѓаш






Кога ќе доаѓаш,
немој долго да стоиш
пред лицемерното огледало.
Не мазни ја косата,
секако ќе ја разбушавам.
Кога ќе доаѓаш,
немој да се двоумиш
каква кошула да облечеш.
Јас нема ни да ја забележам
додека брзам да ја соблечам.
Кога ќе доаѓаш,
немој да одбираш
цветови и чоколада.
Донеси ја само својата љубов,
таа ќе ме заслади и разнежни.
Кога ќе доаѓаш.....
Ма, ајде, доаѓај веќе еднаш!

Литература













Литература





Импресивна литература си.
Полн со убави зборови,
изобилство паметни мисли.
Те читав жедно,
се смеев и плачев
над твоите страници.
Од првата до последната.
Сега , душо,
те враќам во библиотека.
Треба и други да те читаат.
Јас те прочитав.

Saturday, May 28, 2005

Зелена песна













Зелена песна



Во градината на копнежот
разлистале желбите,
расцутиле страстите
во сите бои на љубовта.
Шират свеж мирис
на пролетни емоции
и ме опиваат со восхит.
Би ги набрала и ставила
во срцево - кристална вазна,
да ја красат душава.
Но, се плашам дека
така ќе свенат побрзо.
Нека ги во таа градина.
Подолго ќе им се радувам.

Недоверба










Недоверба




Ги колвам зборовите
зрно по зрно.
Тивко.
Безгласно.
Немо.
Не се сеќавам повеќе
на ниедна песна.
Не црцорам безгрижно.
Смолеста суета
ги слепи пердувите
на крилестите емоции
во кафезот недоверба.
Не летам повеќе.

Friday, May 27, 2005

Граматика на мислите










Граматика на мислите




Те нема долго време
во моите песни,
а дишеш сепак
во секој напишан збор.
Ги замаглуваш со здивот
стаклените придавки,
и се трансформираш
во апстрактна именка.
Метафорично навестуваш
суфикси и префикси
на коренот искреност.
Не си повеќе глагол
но сеуште ги движиш мисливе
од минато несвршено
кон идно помислено време.
Граматичка грешка
во љубовниот жаргон.

Лице или грб












Лице или грб




Додека стоиме лице в лице,
погледите ни се насочени
преку рамениците на другиот.
Еден пред друг,
а сепак, со поглед
еден зад друг.
Подобро е кога сме
свртени грб со грб.
Секој гледа пред себе.
Ионака,
никогаш не се видовме
еден со друг.
Вака,
барем се потпираме
еден на друг.

Saturday, May 21, 2005

Недореченост









Недореченост





Се сопнав од убавите желби
и ги истурив зборовите
кои се стркалаа по подот
сосема измешани,
распрснати на сите страни
до валканите, правливи агли,
до лепливите пајажини.
Успеав да соберам
само мал дел од нив,
пред да ги згазе тишината,
пред да станат дамки
на подот од недореченоста.

Thursday, May 12, 2005

Разделба















Разделба





Дојдов сама и ќе си одам сама.
Уште со првиот плач
ја најавив тагата на осаменоста
по отсечувањето на папочната врвца.
Немој. Не гледај ме.
Залудно е, нема да ме видиш.
Тоа ти е поглед во празно.
Јас не сум овде.
Јас сум со моите соништа.
А тие не се тука, покрај тебе.

Оформување












Оформување





Те пијам тебе и твојата љубов
како чиста , бистра течност.
Ја гасниш жедтта на душава
изморена од скитање
по прашливиот пат на спомените.
Ти нeмаш лик, ниту форма.
Се огледувам во чистите капки
на твоите наросени емоции,
а твојата љубов
го исполнува моето срце
и така налеано,
ти ја дава својата форма.

Во пепелта











Во пепелта




Кога пламенот на страста
тивко гасне, догорува,
и копнежите ко сенки
во мракот претопени
полека се губат.....
остануваат ситни, а врели
жарчиња спомени недогорени,
да ги горат мислите
додека трагаат во
пепелта на минатото.

Sunday, May 08, 2005

Временска прогноза










Временска прогноза





Некогаш беше ветар страстен
кој шепоти и милува.
Беше и сјајно сонце
кое зрачи со љубов
и ја грее душата.
Потоа стана сив облак
кој донесе студен дожд
и се’ претвори во кал.
Сега....
Сега си сув, жолт лист,
изгорен од сонцето.
однесен од ветерот,
и извалкан во калтта.
Спомен заглавен во
празниот, безимен простор,
вакуум без емоции.
Чувствувам, ќе паѓа снег.
Ќе ги покрие сите трагови
и ќе го сочува срцево
до следната пролет.

Не бев јас










Не бев јас




Заборави ги моите допири.
Тоа не бев јас,
тоа беа моите раце.
Заборави ги моите бакнежи.
Тоа не бев јас,
тоа беа моите усни.
Заборави ја мојата страст.
Тоа не бев јас,
тоа беше моето тело.
Заборави го и копнежот,
и нежноста и трепетот.
Тоа не бев јас,
тоа беше немирот во мене.
А јас.....
Јас бев тука некаде,
но никогаш каде што требаше.