Monday, May 30, 2005

Кога ќе доаѓаш










Кога ќе доаѓаш






Кога ќе доаѓаш,
немој долго да стоиш
пред лицемерното огледало.
Не мазни ја косата,
секако ќе ја разбушавам.
Кога ќе доаѓаш,
немој да се двоумиш
каква кошула да облечеш.
Јас нема ни да ја забележам
додека брзам да ја соблечам.
Кога ќе доаѓаш,
немој да одбираш
цветови и чоколада.
Донеси ја само својата љубов,
таа ќе ме заслади и разнежни.
Кога ќе доаѓаш.....
Ма, ајде, доаѓај веќе еднаш!

Литература













Литература





Импресивна литература си.
Полн со убави зборови,
изобилство паметни мисли.
Те читав жедно,
се смеев и плачев
над твоите страници.
Од првата до последната.
Сега , душо,
те враќам во библиотека.
Треба и други да те читаат.
Јас те прочитав.

Saturday, May 28, 2005

Зелена песна













Зелена песна



Во градината на копнежот
разлистале желбите,
расцутиле страстите
во сите бои на љубовта.
Шират свеж мирис
на пролетни емоции
и ме опиваат со восхит.
Би ги набрала и ставила
во срцево - кристална вазна,
да ја красат душава.
Но, се плашам дека
така ќе свенат побрзо.
Нека ги во таа градина.
Подолго ќе им се радувам.

Недоверба










Недоверба




Ги колвам зборовите
зрно по зрно.
Тивко.
Безгласно.
Немо.
Не се сеќавам повеќе
на ниедна песна.
Не црцорам безгрижно.
Смолеста суета
ги слепи пердувите
на крилестите емоции
во кафезот недоверба.
Не летам повеќе.

Friday, May 27, 2005

Граматика на мислите










Граматика на мислите




Те нема долго време
во моите песни,
а дишеш сепак
во секој напишан збор.
Ги замаглуваш со здивот
стаклените придавки,
и се трансформираш
во апстрактна именка.
Метафорично навестуваш
суфикси и префикси
на коренот искреност.
Не си повеќе глагол
но сеуште ги движиш мисливе
од минато несвршено
кон идно помислено време.
Граматичка грешка
во љубовниот жаргон.

Лице или грб












Лице или грб




Додека стоиме лице в лице,
погледите ни се насочени
преку рамениците на другиот.
Еден пред друг,
а сепак, со поглед
еден зад друг.
Подобро е кога сме
свртени грб со грб.
Секој гледа пред себе.
Ионака,
никогаш не се видовме
еден со друг.
Вака,
барем се потпираме
еден на друг.

Saturday, May 21, 2005

Недореченост









Недореченост





Се сопнав од убавите желби
и ги истурив зборовите
кои се стркалаа по подот
сосема измешани,
распрснати на сите страни
до валканите, правливи агли,
до лепливите пајажини.
Успеав да соберам
само мал дел од нив,
пред да ги згазе тишината,
пред да станат дамки
на подот од недореченоста.

Thursday, May 12, 2005

Разделба















Разделба





Дојдов сама и ќе си одам сама.
Уште со првиот плач
ја најавив тагата на осаменоста
по отсечувањето на папочната врвца.
Немој. Не гледај ме.
Залудно е, нема да ме видиш.
Тоа ти е поглед во празно.
Јас не сум овде.
Јас сум со моите соништа.
А тие не се тука, покрај тебе.

Оформување












Оформување





Те пијам тебе и твојата љубов
како чиста , бистра течност.
Ја гасниш жедтта на душава
изморена од скитање
по прашливиот пат на спомените.
Ти нeмаш лик, ниту форма.
Се огледувам во чистите капки
на твоите наросени емоции,
а твојата љубов
го исполнува моето срце
и така налеано,
ти ја дава својата форма.

Во пепелта











Во пепелта




Кога пламенот на страста
тивко гасне, догорува,
и копнежите ко сенки
во мракот претопени
полека се губат.....
остануваат ситни, а врели
жарчиња спомени недогорени,
да ги горат мислите
додека трагаат во
пепелта на минатото.

Sunday, May 08, 2005

Временска прогноза










Временска прогноза





Некогаш беше ветар страстен
кој шепоти и милува.
Беше и сјајно сонце
кое зрачи со љубов
и ја грее душата.
Потоа стана сив облак
кој донесе студен дожд
и се’ претвори во кал.
Сега....
Сега си сув, жолт лист,
изгорен од сонцето.
однесен од ветерот,
и извалкан во калтта.
Спомен заглавен во
празниот, безимен простор,
вакуум без емоции.
Чувствувам, ќе паѓа снег.
Ќе ги покрие сите трагови
и ќе го сочува срцево
до следната пролет.

Не бев јас










Не бев јас




Заборави ги моите допири.
Тоа не бев јас,
тоа беа моите раце.
Заборави ги моите бакнежи.
Тоа не бев јас,
тоа беа моите усни.
Заборави ја мојата страст.
Тоа не бев јас,
тоа беше моето тело.
Заборави го и копнежот,
и нежноста и трепетот.
Тоа не бев јас,
тоа беше немирот во мене.
А јас.....
Јас бев тука некаде,
но никогаш каде што требаше.

Раѓање










Раѓање





Понекогаш убавината станува грда
а среќата тажна.
И љубовта понекогаш
носи омраза со себе.
Лекува со болка
и просветлува со мрак.
Не посегнувај по она
што си го оттурнал.
Нема да се врати.
Ќе ти ги изгризе чувствата
со бесчувствителноста.
Понекогаш мораш
да ја убиеш љубовта
за да го сочуваш срцето.
Не плаши се од болката.
Болката создава.
Со неа се раѓа
нова, посилна личност.
Денес повторно се родив.