Sunday, November 27, 2005

Крајот на бескрајот







Крајот на бескрајот


Во само еден миг
ја допрев вечноста.
Ги затворив очите
и го видов крајот.
Крајот на сите стравови,
крајот на сите сомнежи.
И тука,
на самиот почеток од крајот,
во ѕвездената прашина
од копнежи и воздишки,
со сладок трепет
во мислите, во душата...
го вдишувам немирот
кој ми дава сила
да чекорам со насмевка
кон крајот на бескрајот.

Чекори







Чекори




Одекнуваат во мракот
на помислениот копнеж
растреперувајќи го срцето.
Сигурни, цврсти чекори.
Го познавам тој звук.
Ги познавам тие чекори
на сопствената страст
по патот на немирот.
Одекнуваат во ритамот
на сокриените воздишки,
во пулсот на возбудливите,
таинствени моменти,
во насока на желбата
за сопствени перцепции
во боите на љубовта.
Многу добро го познаваат
својот пат тие чекори.

Ампутација




Ампутација




Те отстранив од мисливе.
Те отстранив од срцево.
Потешко се движи страста
низ просторот на љубовта
без тебе потпрена на
сарказмот и иронијата,
но, се изострија другите сетила
Сега ги чувствувам и
уживам во нештата
кои не ги перцептирав
додека те имав тебе.

Saturday, November 19, 2005

Флексибилност







Флексибилност




Под силниот налет
почувствуваност
страста се сви
до дното на копнежот,
ги допре студените усни
на сопствениот корен
и го вкуси нивниот
сочен, а горчлив вкус.
Се заниша скоро опиено и
се исправи побрзо
отколку што се сви.
Вкусот во усните остана
да потсетува на таа
еластичност на емоциите.

Девалвација







Девалвација






Го враќам кредитот
од твојата љубов,
но страста изгуби
од својата вредност,
и копнежот нема маржа
кога се зема и дава,
а грижата на совеста
има превисока камата
на љубовната берза.
Банкротира срцево.

Мимикрија






Мимикрија




Би излегла вечерва од својата кожа
и би влегла во нечија туѓа.
Би лажела дрско,
би мамела безобразно,
манипулирајќи безобѕирно.
Би била се што не сум.
Би земала облик на љубовта,
обоена со копнежот,
претопена во сенката на
притаената страст.
Зашто...
Сеуште ти го паметам
вкусот на усните
и ги знам напамет
сите твои погледи,
и студени и топли,
и сончеви и дождливи,
а понекогаш ветровити.
Ја знам напамет азбуката
со која говорат твоите прсти.
Вечерва се чувствувам толку
слабо и силно истовремено,
толку тажно и весело
а, сепак, рамнодушно за се.
Вечерва јас немам
свој облик ниту лик.
Само чиста страст.

Saturday, October 22, 2005

Дисперзија








Дисперзија





Во призмата на сомнежот
се прекрши копнежот
и ја разби страста
во отсјајот на суетата.
Се распраснаа зраците конфузност
низ ограничениот простор
на измамените емоции.

Препреки











Препреки






Кога доаѓав кон тебе
издлабив тунел
низ планината горделивост,
препливав море предрасуди,
изградив мост од верба
над длабокиот сомнеж.
Сега фрлаш по мене зборови
како тешки камења,
ронеш солзи мориња,
ветувања - провалии.
Но, ништо нема да ме спречи
ниту да ми застане на патот,
дури и сега.....
кога заминувам од тебе!

Можеш









Можеш





Можеш да бидеш искра,
разгори ги мисливе.
Можеш да бидеш небо,
дај им крилја на желбите.
Можеш да бидеш виножито,
обои ја душава.
Можеш да бидеш ѕвезда
растреперена од копнеж.
Можеш да бидеш море
таинствена, длабока страст.
Можеш да бидеш љубов.
Можеш.

Monday, September 26, 2005

Перипетија

---------------------------------------------------------------------------

















Перипетија








Сакав нежно, полека
да ти влезам под кожата,
да ја почувствувам како струи
твојата крв низ моите вени,
да си ги наполнам градите со тебе
вдишувајќи те низ твоите усни
и здив по здив, неосетно
да те испуштам низ своите.
Но, ти беше побрз од мене.
Ми навлезе во коските,
ме свитка како ишијас
и ми ја испи душата.

Saturday, September 10, 2005

Назад












Назад






Кога еднаш ќе заминеш
оставајќи зад себе лушпи
од изгустираните лаги,
немој да се враќаш назад.
Можеш да нагазиш на нив,
да се лизнеш и паднеш,
си ја шинеш гордоста
и скршиш достоинството,
а болката од тој пад
да ти се пристори љубов.
Немој никогаш да се враќаш таму
каде еднаш си ги фрлил своите лаги.

Monday, August 29, 2005

Туризам

-------------------------------------------------------------------------


















Туризам




Ми говориш во занес
за чудесни предели
создадени од богот во нас,
изградени со тулите на љубовта
во форма на соништата
и обоени од имагинацијата.
Возвишени емоции распослани
низ градините на душата.
Ми нудиш копнеж и трепет,
заедничко летување во таа
дестинација на сокриените мисли,
сончање под зраците на страста.
Немој.
Сочувај ја егзотичната понуда
за други туристи во своето срце.
Јас штотуку се вратив од таму,
потемнета, речиси изгорена.
Ми треба сега зима.

Friday, August 05, 2005

Поезија

------------------------------------------------------------------------
















Поезија






Љубовта е поезија,поезијата љубов.
Сум пишувала и пред тебе,
ќе пишувам и после тебе.
Сум љубела и пред тебе,
ќе љубам и после тебе.
Во моево срце има простор
за цела една мала бесконечност.
Секое отчукување е ритам на страст,
секој здив свеж копнеж.
Како билка со своја фотосинтеза -
од љубовта создавам поезија
и од поезијата љубов.
А секој збор напишан
со мртви букви на хартија
е жив запис за вечноста
на љубовната поезија.

Wednesday, July 20, 2005

Будење ( разбуди ме )

**************************************************************











Будење ( разбуди ме )


Разбуди ме ноќва
со допири на душата,
со допири на мисли
разиграни од страста
и насмеаниот трепет.
Разбуди го немирот,
затаен во постелата
на стравот од предрасуди.
Разбуди го и нека потрча
низ широчините на слободниот дух,
низ исконската долина
на ослободената желба,
да посее копнежи
кои ќе цутат во боите
на пријатните емоции,
со миризливи воздишки
во крошните на спомените.
Разбуди ме..........
и немој да се плашиш
од длабочината на
мојот разбуден немир!

Мислење

---------------------------------------------------------------------















Мислење



Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
сум во твојата прегратка.
Ако воопшто размислував,
немаше да бидам таму.
Немој да ме прашуваш
што размислувам додека
молчам и гледам во празно.
Размислувам за тишината
која ми шепоти да заминам.
Немој никогаш воопшто
да прашуваш што размислувам.
Јас многу често
делувам сосема непромислено.
А ти. . . . . ти можеш
да си мислиш што сакаш!