Одгледуваме
растенија
во мали саксии
убедени дека
се грижиме за
нив.
(А всушност
чуваме
заробено парче
природа
за да се измамиме
дека
зидовите во
нашиот дом
не се толку
блиску
еден до друг.
Дека и дома
поседуваме
малку „надвор“.)
Ги ставаме покрај
прозорецот
за да можат да
ја гледаат
градината надвор.
Сме одлучиле за
нив
дека овде им е
подобро.
Затворени во
една педа земја,
како во кафез,
осудени на нашата
милост
да ги полееме
со вода,
или свртиме кон
сонце.
Да ги гледаат дождот и сонцето
преку стакло.
Осудени на нашата
грижливост.
Затвореници на
нашата совест.
Цветаат од
благодарност
или од копнеж
по градината?
No comments:
Post a Comment