Saturday, October 07, 2017

Кусур



Живееме со позајмени насмевки
кои треба да ги вратиме
и со униформирани мисли
кои треба прописно да ги носиме.
Нема да не убијат цигарите душо,
ќе не убие глумењето дека се е во ред
она „ништо не ми е“ низ стиснати заби,
запакувано во алуминиумска фолија
како подгреана љубезност.
Луѓето кои опседнато мијат раце не сфаќаат
дека не им се валкани рацете туку совеста,
а таа не се мие со вода и сапун.
Но кој да им каже....
Се насмевнуваме на нивните навреди,
читајќи сме купиле мудрост
дека тие им припаѓаат
на навредувачите, не на навредените.
Не го пребројувај кусурот.
Остави го како бакшиш.
Предолго глумевме лудило
за да забележиме дека
глумењето изостана

а лудилото остана.

No comments: