Tuesday, March 14, 2006

Едноставност




Кога јас и ти бевме други,

а другите беа ти и јас,

дали тогаш

нивниот копнеж

беше наш,

или ние бевме

самиот копнеж

во нив?

Се заплетка индивидуалноста

во клопчето

замрсени генерализации.

Сосем неодредена,

а сепак,

едноставна форма

на страст

Пируети





Потскокнуваш весело
над лизгавата суета
и се вртиш кружно
околу своето его.
Стриптиз пантомима
го изобличува душекот
од мојот кревет.
Гримаси на страста.
Ме вртиш, те вртам,
се вртиме заедно
во пируети на екстаза.
Театрален поклон
и драматично бегство
од сцената на мојата соба,
до следниот чин.
Аплаудирам со насмевка.
Сакаш аплаузи.
Се враќаш на бис.

Monday, January 02, 2006

Трговец со зборови






Трговец со зборови



Обид да се заврши приказната.
Ефтино купен заплет
трансформиран вешто
во оригинална увертира
со моќта на маркетингот.
Внатрешен дијалог
препродаден скапо
во амбалажа на монолог
и етикетирано алтер его.
Лесно се манипулира
со вредноста на зборот
на берзата надмудрување.
Хартии од вредност
се бели листови
полни со зборови
а, празни мисли.
Спакувај ги убаво зборовите.
Мислата е деловен ризик.
Тргувај трговецу.

Thursday, December 15, 2005

Периодичност







Периодичност




Етапа после етапата
од периодично повторување
на новите етапи
во старите периоди.
Вешто испреплетени
краеви и почетоци
во гордиевиот јазол
на планираните случајности
Очекувано изненадување.
Аверзија кон привлечноста и
индиферентна заинтересираност
за баналната специфика.
Зори и самраци прекршени
среде запреното време.

Недвосмисленост






Недвосмисленост


Затвори ги очите ноќва
и погледни ме со душата.
Слушни ги рацеве
како шепотат по телото,
и запеј со мојот копнеж
во ритамот на
треперливите емоции.
Никој нема да ја слушне,
никој нема да ја види
ниту да ја почувствува
играта на страста,
танцот на немирот
низ сонежливите души.
Ни самите нема да разбереме јасно,
но сепак ќе уживаме
во таа неразбраност,
во таа нејасност,
сосема свесни за
недвосмисленоста на -
Уживањето.

Паметам







Паметам


Го паметам погледот
преполн со прашања
и одговори истовремено,
со реални илузии и копнежи,
со заразна страст која извира
од длабочината на зениците.
Ги паметам усните
кои вешто лажат
со своите допири,
а мамат насмевка на моите
и немо признание
за сласта од тој допир.
Го паметам копнежот
на мојава дланка
по мекоста на твојот образ,
остро прекинат од разумот
и претворен во бесмислено
движење низ празниот простор.
Го паметам и развигорецот
на твојата топла душа,
развигорец кој носи нежност
и мирис на емоции
расцутени во пролетните цветови.
Ма, паметам се.
Само....
Не чувствувам повеќе ништо.

Трпение







Трпение


Трпеливо чекав
да завршат лагите.
Трпеливо слушав
и трпеливо се смешкав,
блажено простувајќи.
Имам разбирање за недоразбирање.
Имам душа широка
и за тесноградоста.
Имам храброст и за стравот.
Имам срце кое чувствува
дури и бесчувствителност.
Единствено немам повеќе
трпение за нетрпение.

Летна ноќ







Летна ноќ



Беше убава летна ноќ.
Очекувано неочекувана.
Сериозно несериозна.
Збунувачки јасна.
Како молња во мракот
заискри страста
и го заслепи разумот.
Имав трепет во срцето,
разбрануван немир во душата
и....кал на чевлите.
А повторно беше летна ноќ.
Неочекувано очекувана.
Несериозно сериозна.
Јасно конфузна.
Под ѕвездите на спомените,
страста сепак исчезна
во мракот од предрасудите.
Овојпат немав кал на чевлите.
Имав во душата.

Ферментација








Ферментација





Бесмислено логична вештина
за поврзување на испрекинатиот здив
со копнежливата воздишка.
Гроздовите набрана страст
изгазени, згмечени, исцедени….
ферментираат во опоен пијалок
со боја на темна почувствуваност,
чија конзумација предизвикува
еуфорична апатичност за
се што било и се што
допрва би требало да биде.
Еликсир на спокојната
индиферентност.
Амброзија на заборавот.

Tuesday, December 13, 2005

Биста






Биста



Те видов денес.
Стоеше како биста
во паркот од моите мисли.
Пред тебе овенати букети
на некогаш положени копнежи.
Ќе останеш скаменет спомен
од историјата на моето срце.
А јас продолжувам напред,
да ја создавам иднината со
нова визија за почувствуваноста.
Знам, не ти е лесно сега.
Но, ако ти е некаква утеха...
и јас веројатно некогаш
ќе бидам нечија биста.

Sunday, November 27, 2005

Крајот на бескрајот







Крајот на бескрајот


Во само еден миг
ја допрев вечноста.
Ги затворив очите
и го видов крајот.
Крајот на сите стравови,
крајот на сите сомнежи.
И тука,
на самиот почеток од крајот,
во ѕвездената прашина
од копнежи и воздишки,
со сладок трепет
во мислите, во душата...
го вдишувам немирот
кој ми дава сила
да чекорам со насмевка
кон крајот на бескрајот.

Чекори







Чекори




Одекнуваат во мракот
на помислениот копнеж
растреперувајќи го срцето.
Сигурни, цврсти чекори.
Го познавам тој звук.
Ги познавам тие чекори
на сопствената страст
по патот на немирот.
Одекнуваат во ритамот
на сокриените воздишки,
во пулсот на возбудливите,
таинствени моменти,
во насока на желбата
за сопствени перцепции
во боите на љубовта.
Многу добро го познаваат
својот пат тие чекори.

Ампутација




Ампутација




Те отстранив од мисливе.
Те отстранив од срцево.
Потешко се движи страста
низ просторот на љубовта
без тебе потпрена на
сарказмот и иронијата,
но, се изострија другите сетила
Сега ги чувствувам и
уживам во нештата
кои не ги перцептирав
додека те имав тебе.

Saturday, November 19, 2005

Флексибилност







Флексибилност




Под силниот налет
почувствуваност
страста се сви
до дното на копнежот,
ги допре студените усни
на сопствениот корен
и го вкуси нивниот
сочен, а горчлив вкус.
Се заниша скоро опиено и
се исправи побрзо
отколку што се сви.
Вкусот во усните остана
да потсетува на таа
еластичност на емоциите.

Девалвација







Девалвација






Го враќам кредитот
од твојата љубов,
но страста изгуби
од својата вредност,
и копнежот нема маржа
кога се зема и дава,
а грижата на совеста
има превисока камата
на љубовната берза.
Банкротира срцево.