Saturday, October 14, 2006

Полиглот










Полиглот




Пред да ме запрашаш мене,

запрашај се прво себе си.

Мојот молк звучи сосем исто

како и твоето премолчување.

Во гласно изговореното е разликата.

Ти сакаш да сокриеш,

а јас да не дознаеш.

Уморни сме одговарајќи

на прашањата без одговори.

Ти трагаш по речникот

на мојата тишина,

а јас знам да молчам

на 1000 различни јазици.

Твој сон. Мој сон












Твој сон. Мој сон




Јас сум ноќта

и ден е твојот пат.

Те испраќам в зори,

те очекувам во самрак,

а не се наши

ни ноќта ни денот,

сал нивниот краток допир

е нашата кратка средба,

нашиот треперлив миг,

кога се претопуваат

мојот сон, твојот сон -

и тогаш, во тој сон

еден со друг се имаме

а сепак....се немаме....

разбудени сонуваме...

Monday, October 02, 2006

Траекторија









Траекторија



Од твоите зеници започнува
патеката на мојот трепет.
Преку моето рамено слизнува,
свртува по линијата на колкот
и го допира коленото.
Десното.
Зад себе остава врел траг
на треперлив копнеж
кој продира под кожата
и ја зоврива крвта.
Па продолжува понатаму.
До прагот на издржливоста.


Желби




Едно небо копнежи

со арома на соништа,

дегустација на имагинација.

Одкако го испив,

остана еден копнеж

како темен талог

на дното од небото.

Сосема доволно за

да стиснам нова желба.

Tuesday, July 18, 2006

Ветер во дланките









Ветер во дланките




Фати во ветрот во дланките

и однеси ги сите сомнежи

замрсени во моиве коси.

Постели ги облаците пред мене

да не се повредам кога

ќе паднам на своите сни,

спрепнувајќи се од страста.

Мрежата од погледи ја лови

пеперугата на копнежот

во нејзиниот лет помеѓу

помисленото и изговореното

Низ расцутените насмевки

и миризливи двосмислености

провејува трепетот.

Фати го ветрот во дланките.

Saturday, June 17, 2006

Тишина







Тишина




Удри во плафонот тишината

и се искрши на безброј

премолчени зборови.

Деформирани, преполовени букви

и искривени интерпукциски знаци

попаѓаа без звук, сосем немо.

Газам по сронатиот молк,

како по мек килим,

без да ми одекне чекорот.

Се оддалечувам тивко

по колоната од точки.

Ти ја оставам тишината тебе.

До последната буква на подот.

Thursday, June 01, 2006

Сонувачи






Сонувачи




Ако морето е
паднатото небо на Лорка,
немој да се удавиш
oбидувајќи се
да леташ во длабочина.
Немој да станеш
школка на дното
која сонува низ шепотот
на брановите на површината.
Заплови низ него
на своите соништа
и биди сјајна ѕвезда.
Блескај неугасливо
со својата имагинација.
Макар и на паднато небо.
Рајот е во нас,
ние не сме изгонети од него,
само сме излегле
од својата кожа
со ангелски крилја.
Верувај во своите соништа
и тие повторно ќе израснат.
Побели и помеки.
Само сонувачот го слуша
виолетовиот глас на вечноста
во воздишката на погледот.
Потрчуваат тогаш
бистрите водени капки
и го стасуваат виножитото.
Сонувај...

Thursday, April 20, 2006

Одблесок








Продира немирот

низ порите на мислата,

ја натопува со страст

и испарува во облик на копнеж.

Го чувствувам во ноздрите

мирисот на провокацијата

и ме опива со ненадејноста.

Ароматична илузија

затреперува во отсјајот

на помислата.

Сетилото за перцепција

ја допира апстрактноста

во аголот на сокриениот поглед

под сенката на трепките.

Контури почувствуваност

се провлекуваат ко шепот

низ пукнатините на тишината.

Тивко, нечујно

а сосем впечатливо

за изострените сетила

на конспиративноста.

звуци во боја




Неудобност, нелагодност...
Ситен камен во чевелот
и ти во моите мисли.

Ја насликав тишината
за да ги видиш боите
на премолчените зборови.

Крикот во твоите очи
го заглушува мојот спокој.
Замолчи го погледот.



Мапа







На раменото имам
отисок од твоите усни,
во очите отсјај
на твојот копнеж.
Околу мене траги
од сокриените погледи,
премолчени зборови
и очигледен трепет
на придушена воздишка.
Исцртани линии возбуда
од твоите допири.
Телово е мапа
на сокриена страст.

...







Имам слободни денови

кога мислите ми се заробени

од оковите на ноќите.

Удираат по решетките

на помисленоста

во обид да потрчаат

во далечината на копнежт,

во бескрајот на страста.

Светлината се претвора

во темен отсјај на мракот.


Не сакам слободни денови.


Сакам заробени ноќи.

Твои.

Лута







Лута сум ти.

Лута на твојата слабост

да демонстрираш јакост.

Ме иритира лесниот сон

на твоите спомени,

кои разбудени сега

предизвукуваат кошмари.

Од памет ме вади

твоето наивно срце

неговата мекост

и еластичност.

А тек копнежот.....

ми иде да го задушам со раце,

да го стегнам вратот

на минатата страст

додека не го испушти од себе

и последниот трепет

на тој копнеж.

Ма, не сакам да те видам воопшто.

Не ни погледнувам во огледалото.

Лута сум ти.

Сум си.

Сум.

Tuesday, March 14, 2006

Не...





Не подавај ги рацете кон мене.
Можеш да се изгореш од моето студенило.
Или, да те замрзне мојата врелост.
Внимавај на мојата невнимателност.
Пази се од непретпазливоста.
Сконцентрирај се на расеаноста.
Секој обид за зближување те одалечува.
Секогаш постои можност за невозможност.
Не подавај ги рацете кон мене.
Ќе ја допреш недопирливоста.
Острилото на затапеноста.
Врвот на дното.
Разбуди ги соништата.
Испланирај ја непредвидливоста.
Имам силни слабости.
И храбри стравови.
А сосем непотребни потреби.
Нефункционалноста функционира.
Не подавај ги рацете.
Не посегнувај.

Мрак





Не гасни го светлото.
Темнината нема да ја сокрие
валканата страст во нас.
Остави го срамот пред вратата
и влези самоуверено
во мојот кревет.
Ѕверот кој се буди во мене
е сојузник на твојата потсвест.
Покорува за да ослободи.
Не гасни го светлото.
Мракот е во нас.

Едноставност




Кога јас и ти бевме други,

а другите беа ти и јас,

дали тогаш

нивниот копнеж

беше наш,

или ние бевме

самиот копнеж

во нив?

Се заплетка индивидуалноста

во клопчето

замрсени генерализации.

Сосем неодредена,

а сепак,

едноставна форма

на страст

Пируети





Потскокнуваш весело
над лизгавата суета
и се вртиш кружно
околу своето его.
Стриптиз пантомима
го изобличува душекот
од мојот кревет.
Гримаси на страста.
Ме вртиш, те вртам,
се вртиме заедно
во пируети на екстаза.
Театрален поклон
и драматично бегство
од сцената на мојата соба,
до следниот чин.
Аплаудирам со насмевка.
Сакаш аплаузи.
Се враќаш на бис.

Monday, January 02, 2006

Трговец со зборови






Трговец со зборови



Обид да се заврши приказната.
Ефтино купен заплет
трансформиран вешто
во оригинална увертира
со моќта на маркетингот.
Внатрешен дијалог
препродаден скапо
во амбалажа на монолог
и етикетирано алтер его.
Лесно се манипулира
со вредноста на зборот
на берзата надмудрување.
Хартии од вредност
се бели листови
полни со зборови
а, празни мисли.
Спакувај ги убаво зборовите.
Мислата е деловен ризик.
Тргувај трговецу.