Thursday, April 20, 2006

Мапа







На раменото имам
отисок од твоите усни,
во очите отсјај
на твојот копнеж.
Околу мене траги
од сокриените погледи,
премолчени зборови
и очигледен трепет
на придушена воздишка.
Исцртани линии возбуда
од твоите допири.
Телово е мапа
на сокриена страст.

...







Имам слободни денови

кога мислите ми се заробени

од оковите на ноќите.

Удираат по решетките

на помисленоста

во обид да потрчаат

во далечината на копнежт,

во бескрајот на страста.

Светлината се претвора

во темен отсјај на мракот.


Не сакам слободни денови.


Сакам заробени ноќи.

Твои.

Лута







Лута сум ти.

Лута на твојата слабост

да демонстрираш јакост.

Ме иритира лесниот сон

на твоите спомени,

кои разбудени сега

предизвукуваат кошмари.

Од памет ме вади

твоето наивно срце

неговата мекост

и еластичност.

А тек копнежот.....

ми иде да го задушам со раце,

да го стегнам вратот

на минатата страст

додека не го испушти од себе

и последниот трепет

на тој копнеж.

Ма, не сакам да те видам воопшто.

Не ни погледнувам во огледалото.

Лута сум ти.

Сум си.

Сум.

Tuesday, March 14, 2006

Не...





Не подавај ги рацете кон мене.
Можеш да се изгореш од моето студенило.
Или, да те замрзне мојата врелост.
Внимавај на мојата невнимателност.
Пази се од непретпазливоста.
Сконцентрирај се на расеаноста.
Секој обид за зближување те одалечува.
Секогаш постои можност за невозможност.
Не подавај ги рацете кон мене.
Ќе ја допреш недопирливоста.
Острилото на затапеноста.
Врвот на дното.
Разбуди ги соништата.
Испланирај ја непредвидливоста.
Имам силни слабости.
И храбри стравови.
А сосем непотребни потреби.
Нефункционалноста функционира.
Не подавај ги рацете.
Не посегнувај.

Мрак





Не гасни го светлото.
Темнината нема да ја сокрие
валканата страст во нас.
Остави го срамот пред вратата
и влези самоуверено
во мојот кревет.
Ѕверот кој се буди во мене
е сојузник на твојата потсвест.
Покорува за да ослободи.
Не гасни го светлото.
Мракот е во нас.

Едноставност




Кога јас и ти бевме други,

а другите беа ти и јас,

дали тогаш

нивниот копнеж

беше наш,

или ние бевме

самиот копнеж

во нив?

Се заплетка индивидуалноста

во клопчето

замрсени генерализации.

Сосем неодредена,

а сепак,

едноставна форма

на страст

Пируети





Потскокнуваш весело
над лизгавата суета
и се вртиш кружно
околу своето его.
Стриптиз пантомима
го изобличува душекот
од мојот кревет.
Гримаси на страста.
Ме вртиш, те вртам,
се вртиме заедно
во пируети на екстаза.
Театрален поклон
и драматично бегство
од сцената на мојата соба,
до следниот чин.
Аплаудирам со насмевка.
Сакаш аплаузи.
Се враќаш на бис.

Monday, January 02, 2006

Трговец со зборови






Трговец со зборови



Обид да се заврши приказната.
Ефтино купен заплет
трансформиран вешто
во оригинална увертира
со моќта на маркетингот.
Внатрешен дијалог
препродаден скапо
во амбалажа на монолог
и етикетирано алтер его.
Лесно се манипулира
со вредноста на зборот
на берзата надмудрување.
Хартии од вредност
се бели листови
полни со зборови
а, празни мисли.
Спакувај ги убаво зборовите.
Мислата е деловен ризик.
Тргувај трговецу.

Thursday, December 15, 2005

Периодичност







Периодичност




Етапа после етапата
од периодично повторување
на новите етапи
во старите периоди.
Вешто испреплетени
краеви и почетоци
во гордиевиот јазол
на планираните случајности
Очекувано изненадување.
Аверзија кон привлечноста и
индиферентна заинтересираност
за баналната специфика.
Зори и самраци прекршени
среде запреното време.

Недвосмисленост






Недвосмисленост


Затвори ги очите ноќва
и погледни ме со душата.
Слушни ги рацеве
како шепотат по телото,
и запеј со мојот копнеж
во ритамот на
треперливите емоции.
Никој нема да ја слушне,
никој нема да ја види
ниту да ја почувствува
играта на страста,
танцот на немирот
низ сонежливите души.
Ни самите нема да разбереме јасно,
но сепак ќе уживаме
во таа неразбраност,
во таа нејасност,
сосема свесни за
недвосмисленоста на -
Уживањето.

Паметам







Паметам


Го паметам погледот
преполн со прашања
и одговори истовремено,
со реални илузии и копнежи,
со заразна страст која извира
од длабочината на зениците.
Ги паметам усните
кои вешто лажат
со своите допири,
а мамат насмевка на моите
и немо признание
за сласта од тој допир.
Го паметам копнежот
на мојава дланка
по мекоста на твојот образ,
остро прекинат од разумот
и претворен во бесмислено
движење низ празниот простор.
Го паметам и развигорецот
на твојата топла душа,
развигорец кој носи нежност
и мирис на емоции
расцутени во пролетните цветови.
Ма, паметам се.
Само....
Не чувствувам повеќе ништо.

Трпение







Трпение


Трпеливо чекав
да завршат лагите.
Трпеливо слушав
и трпеливо се смешкав,
блажено простувајќи.
Имам разбирање за недоразбирање.
Имам душа широка
и за тесноградоста.
Имам храброст и за стравот.
Имам срце кое чувствува
дури и бесчувствителност.
Единствено немам повеќе
трпение за нетрпение.

Летна ноќ







Летна ноќ



Беше убава летна ноќ.
Очекувано неочекувана.
Сериозно несериозна.
Збунувачки јасна.
Како молња во мракот
заискри страста
и го заслепи разумот.
Имав трепет во срцето,
разбрануван немир во душата
и....кал на чевлите.
А повторно беше летна ноќ.
Неочекувано очекувана.
Несериозно сериозна.
Јасно конфузна.
Под ѕвездите на спомените,
страста сепак исчезна
во мракот од предрасудите.
Овојпат немав кал на чевлите.
Имав во душата.

Ферментација








Ферментација





Бесмислено логична вештина
за поврзување на испрекинатиот здив
со копнежливата воздишка.
Гроздовите набрана страст
изгазени, згмечени, исцедени….
ферментираат во опоен пијалок
со боја на темна почувствуваност,
чија конзумација предизвикува
еуфорична апатичност за
се што било и се што
допрва би требало да биде.
Еликсир на спокојната
индиферентност.
Амброзија на заборавот.

Tuesday, December 13, 2005

Биста






Биста



Те видов денес.
Стоеше како биста
во паркот од моите мисли.
Пред тебе овенати букети
на некогаш положени копнежи.
Ќе останеш скаменет спомен
од историјата на моето срце.
А јас продолжувам напред,
да ја создавам иднината со
нова визија за почувствуваноста.
Знам, не ти е лесно сега.
Но, ако ти е некаква утеха...
и јас веројатно некогаш
ќе бидам нечија биста.