Monday, September 14, 2020

Неосетно




Неосетно

Изчезнува полека неосетно
љубовта од стиховите на поетите.
Ја заменува огорченост и разочараност
од општествени и социјални неправди, 
безнадежен копнеж за подобро утре, 
крик задушен во бледа насмевка. 

Изчезнува полека неосетно
идеалот за силата на образованието.
Го заменува платежната моќ која купува
дипломи, тендери, човечки животи.. 
и преќутното одобрување, 
воодушевување во "се снашол". 

Изчезнуваат полека неосетно 
човечките и професионални квалитети. 
Ги заменува квалификацијата на
партиски подобни или неподобни. 
Блиски до власта "професионалци" 
или опозиционо "неспособни". 

Исчезнува полека неосетно
чувството на припадност, 
вербата во еднаквост и праведност. 
Неосетно го изгувивме осетот, 
Станавме бесчувствителна нација 
во исчезнување.

Monday, September 23, 2019

Промаја




Промаја

Отвори ги ширум очите

И белите дробови
Рашири ги рацете

И усните во насмевка
Нека биде се отворено

Незаштитено
Изложено на промаја 

од туѓите предрасуди
Нека дуваат критики

И потсмев
И навреди

Трачарење 
вклучено на најјако. 

Нека. 
Нека дува. 

Она што го носиме во нас
Нема да го оддува 

Го имаме широт на видикот
И мирот во мислите

Спокој во срцето
Чиста љубов

Емпатија. 
Се друго е ветер. 

Нека дува. 


Sunday, November 04, 2018

Имено





Имено

Ме мислиш.
Те мислам.
Стануваме мисловни именки.
Сопствени,општи, апстрактни...
Непромислено замислени.
Именки без глаголи
меѓу нив.
И без сврзници.
Горди.
Додека не станат заменки

Салем




Салем

Толку сме исти
во тоа што сме различни
едни од други.
Исто се бориме
за својата различност,
од исти причини.
Исправени сме
пред судот на Салем,
не зашто сме различни
од различните,
туку затоа што не сме
исти со истите.
Не исти – нечисти.
Не не` собира во таа
неограничена ограниченост
на безумието.
Подобро да си набавиме
метла на време,
започна ловот на вештерки.

Wednesday, September 26, 2018

Во меѓувреме





Во меѓувреме


Од секој агол на собава
различно сонце грее,
а ти месечариш.
Одеднаш гаснат
сите ѕвезди на небото,
но не си Малиот принц
и не знаеш што недостасува.
Има цел еден свет
таму некаде,
извади го од глава
и запали го.
Во меѓувреме,
додека го чекаме
утрето на лажните ветувања.

Saturday, October 07, 2017

Кусур



Живееме со позајмени насмевки
кои треба да ги вратиме
и со униформирани мисли
кои треба прописно да ги носиме.
Нема да не убијат цигарите душо,
ќе не убие глумењето дека се е во ред
она „ништо не ми е“ низ стиснати заби,
запакувано во алуминиумска фолија
како подгреана љубезност.
Луѓето кои опседнато мијат раце не сфаќаат
дека не им се валкани рацете туку совеста,
а таа не се мие со вода и сапун.
Но кој да им каже....
Се насмевнуваме на нивните навреди,
читајќи сме купиле мудрост
дека тие им припаѓаат
на навредувачите, не на навредените.
Не го пребројувај кусурот.
Остави го како бакшиш.
Предолго глумевме лудило
за да забележиме дека
глумењето изостана

а лудилото остана.