
Поезија, поезија и само поезија. Ако си љубител - ДОБРЕДОЈДЕ! Разбуди се и продолжи да сонуваш буден Придружи се на будните сонувачи
Wednesday, October 19, 2011
Ветување

Thursday, May 08, 2008
Низ празнините

Низ празнините
На калдрмата од сеќавања
ме спрепнуваат празнините
од камените коцки
кои ги извадив
зашто ми ги глочкаа мисливе.
Успеав да те убедам дека
моето лудило е твое
и ја променив
бојата на твоите очи.
Утрото потоа,
ги измив соништата
од моето лице,
и си го исеков погледот
од рабовите на твојата насмевка.
Премалку зборови останаа.
Премалку за да звучат поврзано.
Wednesday, March 05, 2008
Вон себе

од неправилно исечено време
и распарталени копнежи.
Изговореното не ја следи
формата на помисленото,
насмевките имаат ефтин сјај
на кич апликации.
Закрпи од фрази
невешто ги покриваат
попуштените рабови
на комуникацијата.
Непријатно чувство на допир
од синтетичка љубов.
Не, ова не сум јас.
Ова е туѓ костим
во кој ми е неудобно.
Излегувам.

Ти си ловец на соништа,
а јас ловам копнежи.
Се најдовме двајцата
еден наспроти друг
среде зелената мисла.
Во моите очи
препозна сонежлив сјај.
Во твојата насмевка
видов треперлив копнеж.
На нишан сме си.
Ќе пукаш или да пукам?
Во твојот поглед

Талкам низ таинствените предели
сокриени во твоите очи.
Сакам да се изгубам таму,
никој да не ме пронајде.
Удобно ми е во твојот поглед.
Се чувствувам како дома,
иако сум само случаен гостин.
Танцувам на подиумот
од недореченоста,
понесена од мелодијата
на помисленоста.
Шепоти ми.
Нијансирај ги мисливе
со бојата на твојот глас.
Уживаме и двајцата,
секој на свој начин
Кој кого заведува?!
Остатоци

Остатоци
Догорчиња од цигари,
згужвани мисли на подот
и пластична насмевка,
извиткана од пречеста употреба.
Солза под перницата
а насмевка на вратата.
Прекршени зборови расфрлани наоколу,
ги згазиваме пред да ги изговориме.
Неколку замрсени спомени
висат како пајажини
во аглите од ѕидовите меѓу нас.
Еден поглед назад,
пред да се притисне кваката.
Не, не остана ништо повеќе.
Одраз

Сакав да ти влезам во очите,
далеку зад зениците,
да го пресретнам одразот на восприеменото
додека сеуште е наопаку,
пред да се заврти,
пред да ме рефлектира
застаната на тлото.
Сакам да чекорам по плафонот
од твоите мисли.
Немој, не затворај ги очите.
Можам да останам заглавена нијанса
во твоите ириси,
темна сенка на емоција
исчезната од спектарот.
Wednesday, July 04, 2007
Зад аголот

Зад аголот
Ќе ги оставам вечерва емоциите
во спалната соба.
Во фиоката со чипканата долна облека.
Уредно сложени,
а ретко користени.
Ќе ги затворам
во кутијата за накит
соништата и копнежите.
Нема да понесам со себе
ниедно небо,
во ниедна боја.
Не, ниту трошка апстрактност.
Ќе бидам вечерва
обично физичко тело.
Со непознат волумен.
Секогаш ти недостасуваше
некоја од димензиите
за да го дознаеш
волуменот на мојот немир.
Но затоа пак,
одлично ја пресметуваше плоштината.
Секој милиметар квадратен.
Ослободена од илузиите,
како сенка побегната од мракот,
ќе те чекам
зад аголот од твоите мисли.
Ќе носам со себе само шише вино.
Темно како нечиста крв.
И, ќе испливам од него
во твојата чаша.
За инает на сите шишиња
во кои се обидуваше
да ме удавиш.
Не успеа, зар не?
Јас упорно се држев за љубовта.
Тапите не тонат никогаш.
Плутаат.
Знаеше, нели?!
Звуците

Звуците
Засечи ги повторно мисливе,
нека потече темната тага од нив.
Ако замолчеш за миг,
ќе слушнеш како се крши
љубовта во мене.
Запамети го добро тој звук,
за да го познаеш кога
ќе го слушнеш повторно,
кога ќе одѕвонува во тебе.
И замини веднаш, не чекај го утрото.
Можеби нема да осамне.
Јас ги убив сите дни во една ноќ.
Не остана ниедно утро
кое би го дочекале заедно јас и ти.
Делчињата од распарчените соништа
ги сокрив под тепихот
за да глочкаат и крцкаат,
како предупредување,
секојпат кога копнежот
се прикрадува на прсти.
Saturday, March 17, 2007
Без алиби
Saturday, October 14, 2006
Полиглот

Полиглот
Пред да ме запрашаш мене,
запрашај се прво себе си.
Мојот молк звучи сосем исто
како и твоето премолчување.
Во гласно изговореното е разликата.
Ти сакаш да сокриеш,
а јас да не дознаеш.
Уморни сме одговарајќи
на прашањата без одговори.
Ти трагаш по речникот
на мојата тишина,
а јас знам да молчам
на 1000 различни јазици.
Твој сон. Мој сон

Твој сон. Мој сон
Јас сум ноќта
и ден е твојот пат.
Те испраќам в зори,
те очекувам во самрак,
а не се наши
ни ноќта ни денот,
сал нивниот краток допир
е нашата кратка средба,
нашиот треперлив миг,
кога се претопуваат
мојот сон, твојот сон -
и тогаш, во тој сон
еден со друг се имаме
а сепак....се немаме....
разбудени сонуваме...
Monday, October 02, 2006
Траекторија
Желби
Tuesday, July 18, 2006
Ветер во дланките

Ветер во дланките
Фати во ветрот во дланките
и однеси ги сите сомнежи
замрсени во моиве коси.
Постели ги облаците пред мене
да не се повредам кога
ќе паднам на своите сни,
спрепнувајќи се од страста.
Мрежата од погледи ја лови
пеперугата на копнежот
во нејзиниот лет помеѓу
помисленото и изговореното
Низ расцутените насмевки
и миризливи двосмислености
провејува трепетот.
Фати го ветрот во дланките.