Во фиока
Седиш мирен во темнина,
одмараш а не си ни изморен.
Ги набљудуваш сенките
кои танцуваат несмасно
во ритамот на отсјајот
кој се прекршува преку рабовите
од преградата кон надворешниот свет.
Надвор нешто се случува,
допираат звуци на празни флоскули
со ребусни реплики,
крстозбори од дијалози,
но ти решаваш судоку.
Минути, часови, денови,
а летаат години...
Можеш да го гушнеш светот
ако го рашириш срцето
како што ги шириш рацете.
Те чуваат во фиока,
како корисна алатка
која може да притреба,
но тешко се ракува.
Душата нема
упатство за употреба.
No comments:
Post a Comment