Поезија, поезија и само поезија. Ако си љубител - ДОБРЕДОЈДЕ! Разбуди се и продолжи да сонуваш буден Придружи се на будните сонувачи
Wednesday, October 19, 2011
Зимница
Часови по безгрижност
Помисли
колку бесмислено станува
мислењето
за зборовите
кои ти го допираат грбот.
Одблесоци од парченца стакло
на искривени огледала.
Измислици
дозирани во мали
пластични насмевки.
Ти се гади?
Симптом на труење
од хипокризија во
контаминираниот простор.
Излез за итни случаи -
научи веќе еднаш
да не ти биде гајле!
Прешкртано
Зборот во тесен чевел
Пушти го да пријде зборот
кој ѕирка несигурно
зад тарабата од формалности.
Му го чувствувам копнежот.
Го препознавам.
Истиот копнеж го имаат
малите прсти од моите стапала
кога ги шетам наоколу
во тесни чевли
со високи потпетици.
Олабави.
Пушти го зборот,
зашто…
ќе ти тежи повеќе
отколку мене
чевлите во раце
кога се враќам боса.
Поедноставено
Во втората печка на Фени
ми согорува времето,
часови со доброени минути
претворени во чад
низ оџакот без филтер.
Емоции претопени во метал.
И жгура наместо кусур.
Зборувај во бројки,
буквите одамна веќе
немаат смисол.
Колку „Г“ има во едно „З“?
Забележуваш ли кога
хартијата станува
потешка од металот?
-
Еден остров во Дубаи
содржи парче душа
и уморна насмевка.
На лозје
Не подавај ги рацете
по гроздот
од оваа страна на редот.
Не сме во брачниот кревет.
Маказата не признава
брачни должности.
Ќе ти ги исече прстите.
Овде, секој бери
од својата страна
на лозата.
Не сакам помош.
И не расправај се со мене
додека држам
остар предмет во раката.
Расправата остави ја
за подоцна.
Во спалната соба.
Таму ќе ти дозволам
да подадеш рака.
Од мојата страна
на креветот.
Ќе имаш предност.
Остриот предмет
кај тебе.
Тогаш ќе аргументираме.
Сега бери.
Не гајле. Грозје.
Од твојата страна на редот.
Жирант
Не биди намќор.
Иако е светска криза на позитивност.
Знам дека си кредитоспособен
за насмевки.
Еве, ќе ти бидам жирант
ако е потребно.
Насмевни се.
Нема да заглавиме
со каматната стапка
за сјајот во очите.
Насмевни се.
Ќе ја ставам под хипотека
целата своја духовитост
за да ги отплатам ратите,
кога ќе те притисне сериозноста.
Ништо не губиш.
Насмевни се.
Внатре, во чашата
Ми го свртуваш вниманието
како вино во чашата
пред да го пробаш.
Ароматични погледи
ги провоцираат сетилата.
Жеднуваме.
Гласот добива темна боја
а зборовите тежок чекор.
Знам, горчината доаѓа покасно.
Сега, сеуште е слатко.
Дозираме голтка по голтка.
Ќе сопреме ли пред да загорчи?
Надвор врни.
Истура.
Испразни ја чашата.
Испиј или истури.