Живи и здрави
Велат- да сме живи и здрави!
Да.
Сме.
Живи.
И здрави.
Така велат.
Нека велат.
Поезија, поезија и само поезија. Ако си љубител - ДОБРЕДОЈДЕ! Разбуди се и продолжи да сонуваш буден Придружи се на будните сонувачи
Во нашите глави живее пајаче
кое ги поврзува мислите,
сеќавањата и емоциите,
плетејќи чудесна мрежа
во која се заплеткува разумот.
Како работилница за поправање
на одредени скршени чувства
и оштетени, избледени доживувања,
склопувајќи ги во механизмот
на нови поучни искуства
со кои продолжуваме да се движиме
по нашите животни патеки.
Звучи неповрзано.
Изгледа моето пајаче
е на годишен одмор.
Или... се заплеткав!
Будност
Има утра кога се будам
како стогодишна жена
со вкочанети колкови
и збрчкани сеќавања
па го успорувам светот
зашто имам мудрост да заборавам
и прифатам дека е минлив.
Има други утра кога се будам
како шестгодишно дете
со разиграни мисли
и лесно подвижни желби
па го вртам брзо светот
зашто имам сила да го променам
и создавам одново без престан.
А има утра кога се будам
и едноставно си велам -
Добро е, се будам!
Па го прегрнувам светот.
Не можеш да поминеш
низ нештата
без да те допрат.
Се лепат на кожата
погледи, насмевки, гестови.
И чешаат.
Во косата ми се заплеткале
неколку двосмислени зборови
па шумолат со ветерот,
како заглавен рефрен од песна.
Се обидувам да ги стресам
но не успевам.
Чекаат одговор
кој се уште го немам.
Треба да пресечам.
Пред да пораснат накриво.
Во фиока
Седиш мирен во темнина,
одмараш а не си ни изморен.
Ги набљудуваш сенките
кои танцуваат несмасно
во ритамот на отсјајот
кој се прекршува преку рабовите
од преградата кон надворешниот свет.
Надвор нешто се случува,
допираат звуци на празни флоскули
со ребусни реплики,
крстозбори од дијалози,
но ти решаваш судоку.
Минути, часови, денови,
а летаат години...
Можеш да го гушнеш светот
ако го рашириш срцето
како што ги шириш рацете.
Те чуваат во фиока,
како корисна алатка
која може да притреба,
но тешко се ракува.
Душата нема
упатство за употреба.
Понекогаш не си сигурен
како започнало нешто.
Дали тоа беше насмевка
во одредена ситуација?
Или специфичен поглед во друга?
Некоја употребена фраза?
Збор? Шега? Манири?
Не, не знаеш.
Но сигурен си дека започнало.
Го чувствуваш тоа.
Со чудесна сигурност.
Понекогаш не си сигурен
како завршило нешто.
Дали тоа беше насмевка
во одредена ситуација?
Или специфичен поглед во друга?
Некоја употребена фраза?
Збор? Шега? Манири?
Не, не знаеш.
Но сигурен си дека завршило.
Го чувствуваш тоа .
Со чудесна сигурност.
Апетит
Понекогаш ненадејно губам апетит
и престанувам да конзумирам
храна, разговори, емоции, дружби.
Па почнувам да губам на тежина,
во обем на телото, на мислите, на душата.
Станувам полесна,
толку лесна што не ме држи тежата
и губам тло под нозете.
Па си велам -
само да не изгубам и вкус.
Лесно