Sunday, October 31, 2021

Апетит


 


Апетит


Понекогаш ненадејно губам апетит

и престанувам да конзумирам

храна, разговори, емоции, дружби.

Па почнувам да губам на тежина,

во обем на телото, на мислите, на душата.

Станувам полесна,

толку лесна што не ме држи тежата

и губам тло под нозете.

Па си велам -

само да не изгубам и вкус.


Wednesday, September 22, 2021

Брегови изградени од зрна недостиг

 






Доаѓања.
Заминувања.
Патувања
кон изгрејсонцата,
кон зајдисонцата...
Истата патека,
различен правец.
Векторски емоции
кои бараат нулта точка
за смирување.
Прегратки со двојна намена,
еднаш за добредојде
другпат за збогување
Радост и тага,
парчиња стакло во очите.
Ист сјај, различен отсјај.
Наздравуваме
со измешани чувства
во чашата.
Кое ќе прелие?


Saturday, August 14, 2021

Лесно

 



Лесно


Се сеќаваш ли на времето
пред се да стане лесно?
Некои го знаат како времето
пред се да стане тешко,
но во заблуда се -
леснотијата е онаа која
ја создава тежината...
Почнавме лесно да веруваме во
лесно добиени информации,
со неколку лесни кликови.
Лесно добиваме дипломи
Лесно запознаваме нови луѓе
Лесно прифаќаме лесни начини
на комуникација, едукација, социјализација.
Брза храна, сексуални врски,
инстант идеологии.
Се е сега, тука, веднаш.
Лесно достапно.
Како воздухот околу нас.
Не го мислиме, го дишеме.
Лесно посегнуваме, лесно досегнуваме,
лесно се откажуваме,
лесно продолжуваме понатаму.
Лесно се предаваме на лесното.
Премногу лесни за манипулација.
Лесноумни.
Затоа што се е лесно.
Затоа стана тешко.


Wednesday, July 21, 2021

Едноставно

 




Едноставните прашања 
имаат едноставни одговори.
Комплицирани се само претпоставките
и пост фестум анализите.
Слабостите ни се јака страна,
гледано отстрана.
Двострано.
И бираме зборови со помалку агли
За да не ги оштетиме
површните заклучоци.
Ја планираме случајноста,
со оддалечени блиски средби.
Идентични во спротивноста.
Колку далеку од себе можеме да отидеме?
Како ќе заврши она што уште не започнало?
Каде се крие паметот од телото?
Кога очигледното станува очигледно?
Едноставно е.
Не комплицирај.
Само гушни ме.


Monday, September 14, 2020

Неосетно




Неосетно

Изчезнува полека неосетно
љубовта од стиховите на поетите.
Ја заменува огорченост и разочараност
од општествени и социјални неправди, 
безнадежен копнеж за подобро утре, 
крик задушен во бледа насмевка. 

Изчезнува полека неосетно
идеалот за силата на образованието.
Го заменува платежната моќ која купува
дипломи, тендери, човечки животи.. 
и преќутното одобрување, 
воодушевување во "се снашол". 

Изчезнуваат полека неосетно 
човечките и професионални квалитети. 
Ги заменува квалификацијата на
партиски подобни или неподобни. 
Блиски до власта "професионалци" 
или опозиционо "неспособни". 

Исчезнува полека неосетно
чувството на припадност, 
вербата во еднаквост и праведност. 
Неосетно го изгувивме осетот, 
Станавме бесчувствителна нација 
во исчезнување.