Wednesday, October 19, 2011

На лозје





Не подавај ги рацете

по гроздот

од оваа страна на редот.

Не сме во брачниот кревет.

Маказата не признава

брачни должности.

Ќе ти ги исече прстите.

Овде, секој бери

од својата страна

на лозата.

Не сакам помош.

И не расправај се со мене

додека држам

остар предмет во раката.

Расправата остави ја

за подоцна.

Во спалната соба.

Таму ќе ти дозволам

да подадеш рака.

Од мојата страна

на креветот.

Ќе имаш предност.

Остриот предмет

кај тебе.

Тогаш ќе аргументираме.

Сега бери.

Не гајле. Грозје.

Од твојата страна на редот.

Жирант






Не биди намќор.

Иако е светска криза на позитивност.

Знам дека си кредитоспособен

за насмевки.

Еве, ќе ти бидам жирант

ако е потребно.

Насмевни се.

Нема да заглавиме

со каматната стапка

за сјајот во очите.

Насмевни се.

Ќе ја ставам под хипотека

целата своја духовитост

за да ги отплатам ратите,

кога ќе те притисне сериозноста.

Ништо не губиш.

Насмевни се.

Внатре, во чашата





Ми го свртуваш вниманието

како вино во чашата

пред да го пробаш.

Ароматични погледи

ги провоцираат сетилата.

Жеднуваме.

Гласот добива темна боја

а зборовите тежок чекор.

Знам, горчината доаѓа покасно.

Сега, сеуште е слатко.

Дозираме голтка по голтка.

Ќе сопреме ли пред да загорчи?

Надвор врни.

Истура.

Испразни ја чашата.

Испиј или истури.

Заобиколување





Од оваа страна на вистината
пораснала коприва.
Секој обид за доближување
ги жежи и чеша мислите.
Заобиколуваме
за да не се повредиме.
Добиваме малку на време
пред да пропаднеме
во бездната
од другата страна
на вистината.

Студ

Кога од студ

поради туѓиот суд

пукаат пријателствата,

раскажувај ми за огнот.

Ќе ме топли пркосот.

И нема да свртам поглед

кога сите ќе свртат грб.

Со усни садев нежност

грб со грб потпрена.

Имаше премрзнати емоции

стуткани покрај радијаторот,

пред прегратката да заболи.

Навременост





Откажи се навреме.
Мојата ноќ
е подолга
од твојот сон.
Можам да го поделам
патот до утрото
на неколку залаци блискост,
но денот го втасувам
секогаш сама…
на работ од зората
сеуште гладна,
со очи полни мрак.

Ветување






Среде сиот овој неред
од грубо фрлени зборови,
ќе го најдеме ли патот
до другиот крај на мислата?
Сепак, полесно се градат ѕидови
отколку…. патишта.
Остави ми простор
за флуидни креации.
Мала пукнатина во ѕидот.
Ќе го затворам едното око.
Ветувам.
(Само биди на спротивниот крај
кога ќе го повлечам орозот)

Thursday, May 08, 2008

Низ празнините






Низ празнините



На калдрмата од сеќавања

ме спрепнуваат празнините

од камените коцки

кои ги извадив

зашто ми ги глочкаа мисливе.

Успеав да те убедам дека

моето лудило е твое

и ја променив

бојата на твоите очи.

Утрото потоа,

ги измив соништата

од моето лице,

и си го исеков погледот

од рабовите на твојата насмевка.

Премалку зборови останаа.

Премалку за да звучат поврзано.

Wednesday, March 05, 2008

Вон себе








Вон себе



Лошо скроен план
од неправилно исечено време
и распарталени копнежи.
Изговореното не ја следи
формата на помисленото,
насмевките имаат ефтин сјај
на кич апликации.
Закрпи од фрази
невешто ги покриваат
попуштените рабови
на комуникацијата.
Непријатно чувство на допир
од синтетичка љубов.
Не, ова не сум јас.
Ова е туѓ костим
во кој ми е неудобно.
Излегувам.






Кога ловецот е плен


Ти си ловец на соништа,

а јас ловам копнежи.

Се најдовме двајцата

еден наспроти друг

среде зелената мисла.

Во моите очи

препозна сонежлив сјај.

Во твојата насмевка

видов треперлив копнеж.

На нишан сме си.

Ќе пукаш или да пукам?

Во твојот поглед







Во твојот поглед


Талкам низ таинствените предели

сокриени во твоите очи.

Сакам да се изгубам таму,

никој да не ме пронајде.

Удобно ми е во твојот поглед.

Се чувствувам како дома,

иако сум само случаен гостин.

Танцувам на подиумот

од недореченоста,

понесена од мелодијата

на помисленоста.

Шепоти ми.

Нијансирај ги мисливе

со бојата на твојот глас.

Уживаме и двајцата,

секој на свој начин

Кој кого заведува?!

Остатоци







Остатоци


Догорчиња од цигари,

згужвани мисли на подот

и пластична насмевка,

извиткана од пречеста употреба.

Солза под перницата

а насмевка на вратата.

Прекршени зборови расфрлани наоколу,

ги згазиваме пред да ги изговориме.

Неколку замрсени спомени

висат како пајажини

во аглите од ѕидовите меѓу нас.

Еден поглед назад,

пред да се притисне кваката.

Не, не остана ништо повеќе.

Одраз


Одраз


Сакав да ти влезам во очите,

далеку зад зениците,

да го пресретнам одразот на восприеменото

додека сеуште е наопаку,

пред да се заврти,

пред да ме рефлектира

застаната на тлото.

Сакам да чекорам по плафонот

од твоите мисли.

Немој, не затворај ги очите.

Можам да останам заглавена нијанса

во твоите ириси,

темна сенка на емоција

исчезната од спектарот.


Wednesday, July 04, 2007

Зад аголот




Зад аголот




Ќе ги оставам вечерва емоциите

во спалната соба.

Во фиоката со чипканата долна облека.

Уредно сложени,

а ретко користени.

Ќе ги затворам

во кутијата за накит

соништата и копнежите.

Нема да понесам со себе

ниедно небо,

во ниедна боја.

Не, ниту трошка апстрактност.

Ќе бидам вечерва

обично физичко тело.

Со непознат волумен.

Секогаш ти недостасуваше

некоја од димензиите

за да го дознаеш

волуменот на мојот немир.

Но затоа пак,

одлично ја пресметуваше плоштината.

Секој милиметар квадратен.





Ослободена од илузиите,

како сенка побегната од мракот,

ќе те чекам

зад аголот од твоите мисли.

Ќе носам со себе само шише вино.

Темно како нечиста крв.

И, ќе испливам од него

во твојата чаша.

За инает на сите шишиња

во кои се обидуваше

да ме удавиш.

Не успеа, зар не?

Јас упорно се држев за љубовта.

Тапите не тонат никогаш.

Плутаат.

Знаеше, нели?!

Звуците




Звуците



Засечи ги повторно мисливе,

нека потече темната тага од нив.

Ако замолчеш за миг,

ќе слушнеш како се крши

љубовта во мене.

Запамети го добро тој звук,

за да го познаеш кога

ќе го слушнеш повторно,

кога ќе одѕвонува во тебе.


И замини веднаш, не чекај го утрото.


Можеби нема да осамне.


Јас ги убив сите дни во една ноќ.

Не остана ниедно утро

кое би го дочекале заедно јас и ти.

Делчињата од распарчените соништа

ги сокрив под тепихот

за да глочкаат и крцкаат,

како предупредување,

секојпат кога копнежот

се прикрадува на прсти.