Будност
Има утра кога се будам
како стогодишна жена
со вкочанети колкови
и збрчкани сеќавања
па го успорувам светот
зашто имам мудрост да заборавам
и прифатам дека е минлив.
Има други утра кога се будам
како шестгодишно дете
со разиграни мисли
и лесно подвижни желби
па го вртам брзо светот
зашто имам сила да го променам
и создавам одново без престан.
А има утра кога се будам
и едноставно си велам -
Добро е, се будам!
Па го прегрнувам светот.