Wednesday, July 04, 2007

Зад аголот




Зад аголот




Ќе ги оставам вечерва емоциите

во спалната соба.

Во фиоката со чипканата долна облека.

Уредно сложени,

а ретко користени.

Ќе ги затворам

во кутијата за накит

соништата и копнежите.

Нема да понесам со себе

ниедно небо,

во ниедна боја.

Не, ниту трошка апстрактност.

Ќе бидам вечерва

обично физичко тело.

Со непознат волумен.

Секогаш ти недостасуваше

некоја од димензиите

за да го дознаеш

волуменот на мојот немир.

Но затоа пак,

одлично ја пресметуваше плоштината.

Секој милиметар квадратен.





Ослободена од илузиите,

како сенка побегната од мракот,

ќе те чекам

зад аголот од твоите мисли.

Ќе носам со себе само шише вино.

Темно како нечиста крв.

И, ќе испливам од него

во твојата чаша.

За инает на сите шишиња

во кои се обидуваше

да ме удавиш.

Не успеа, зар не?

Јас упорно се држев за љубовта.

Тапите не тонат никогаш.

Плутаат.

Знаеше, нели?!

Звуците




Звуците



Засечи ги повторно мисливе,

нека потече темната тага од нив.

Ако замолчеш за миг,

ќе слушнеш како се крши

љубовта во мене.

Запамети го добро тој звук,

за да го познаеш кога

ќе го слушнеш повторно,

кога ќе одѕвонува во тебе.


И замини веднаш, не чекај го утрото.


Можеби нема да осамне.


Јас ги убив сите дни во една ноќ.

Не остана ниедно утро

кое би го дочекале заедно јас и ти.

Делчињата од распарчените соништа

ги сокрив под тепихот

за да глочкаат и крцкаат,

како предупредување,

секојпат кога копнежот

се прикрадува на прсти.

Saturday, March 17, 2007

Без алиби





Без алиби



Со мислите длабам

низ ѕидовите

на мојот сомнеж.

Ја ронам самоконтролата.

Правам тунел за бегство.

Осомичена од двоумењето,

виновна во намерата,

осудена заради воздржаноста.

Затворена во самата себе.

Зарем доживотно?!

Ми треба соучесник.

Кога веќе немам алиби.