Monday, August 29, 2005

Туризам

-------------------------------------------------------------------------


















Туризам




Ми говориш во занес
за чудесни предели
создадени од богот во нас,
изградени со тулите на љубовта
во форма на соништата
и обоени од имагинацијата.
Возвишени емоции распослани
низ градините на душата.
Ми нудиш копнеж и трепет,
заедничко летување во таа
дестинација на сокриените мисли,
сончање под зраците на страста.
Немој.
Сочувај ја егзотичната понуда
за други туристи во своето срце.
Јас штотуку се вратив од таму,
потемнета, речиси изгорена.
Ми треба сега зима.

Friday, August 05, 2005

Поезија

------------------------------------------------------------------------
















Поезија






Љубовта е поезија,поезијата љубов.
Сум пишувала и пред тебе,
ќе пишувам и после тебе.
Сум љубела и пред тебе,
ќе љубам и после тебе.
Во моево срце има простор
за цела една мала бесконечност.
Секое отчукување е ритам на страст,
секој здив свеж копнеж.
Како билка со своја фотосинтеза -
од љубовта создавам поезија
и од поезијата љубов.
А секој збор напишан
со мртви букви на хартија
е жив запис за вечноста
на љубовната поезија.